„На Срем“ изложба во Музејот на РС Македонија, достапна и на музејската платформа izlozba.mk

Со над 120 фотографии, селектирани од богатата фото документација зачувана во Музејот, по повод денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, 9 мај, Музејот на Р.С. Македонија ја отвора изложбата „На Срем“, посветена на борците од Македонија кои учествувале во завршните операции за победа над фашизмот.

„Низ слика и текст, изложбата го следи борбениот пат на македонските единици, офицери и борци и нивните премрежја на Сремскиот фронт и во завршните операции за ослободување на Југославија и за победа над фашизмот, во последните месеци од Втората светска војна“, истакнуваат од Музејот.

Оттаму дополнуваат дека на овој начин се враќа споменот кон овие настани и се истакнува придонесот на учесниците во крајот на војната како значаен македонски придонес во заедничката ослободителна и антифашистичка борба.

Изложбата, најпрво, ќе може да се погледне во дигитална форма на нова електронска платформа на Музејот – izlozba.mk.

„Денешниот датум, воедно, претставува и убав повод за презентација на оваа нова дигитална алатка, на која посетителите ќе можат да ги проследат нашите тековни и идни изложби“, дополнуваат од Музејот.

Во Музејот се одвиваат и завршните подготовки за инсталација на изложбата во живо, која, почнувајќи од 18 мај, заинтересираните посетители ќе можат да ја погледнат и со физичко присуство.