Стационарот „Лајка“ ќе се отвори во среда, изјави денеска градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, сепак, додаде, ако некој од седумте вработени кои се во фаза на тестирање, се покаже позитивен на Ковид-19, ќе има ново одложување.
„Планот е да го пуштиме во среда, освен ако не ни се јави дел од тимот да е Ковид позитивен, јас се надевам дека ќе нема. Инаку, објектот е готов“, посочи Шилегов.
На почетокот на годинава, Советот на Град Скопје донесе одлука да се формира јавното претпријатие „Лајка“ за хуман третман на бездомните животни, кое се формира од постојните служби кои досега функционирале во рамките на јавното претпријатие „Комунална хигиена“.
Во однос на програмата за работата на претпријатието, тогаш со сомнеж се јавија од здружението за права на животните „Анима Мунди“ од каде, меѓудругото, реагираа за резерватот за трајна дислокација на кучиња, за, како што велат, бројните и скапи тестирања за кучињата, правната и материјалната одговорност од граѓаните кои со сопствени ресурси се грижат и помагаат на бездомните кучиња и за, како што рекоа тогаш, ловењето на кучиња исклучиво во време кога сите спијат и никој не гледа.
Ваквите реакции придонесоа програмата за работата на претпријатието да се презентира на јавна дебата во Советот на Град Скопје.
Но, реакциите не застанаа тука. Скопските активисти за заштита на правата на животните во август побараа замена на в.д. директорката на претпријатието и побараа на раководното место да се постави активист-волонтер.
Шилегов претходно, во изјава дадена во август, посочи дека во Скопје, неофицијално се мапирани и пребројани околу 2.500 кучиња скитници.