Град Скопје го основа „Лајка“, ново јавно претпријатие за хуман третман на бездомните животни

Советот на Град Скопје на денешната седница ја донесе одлуката за формирање јавно претпријатие за хуман третман на бездомните животни, кое ќе го носи името Лајка.

Новото јавно претпријатие ќе се формира од постојните служби што досега функционираа во рамките на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, преземајќи ги сите активности како заловување на животните скитници, нивниот транспорт до стационар, прием и преглед од овластен ветеринар, лабораториско испитување на животните на одредени болести, стерилизација, постоперативно сместување, лекување и нега, ветеринарна грижа, идентификација и регистрација, вакцинација и дехелментација, враќање на местото на заловување или преземање процедури за вдомување од заинтересирани граѓани.

Од Советот на Град Скопје ја истакнаа потребата од формирање на ново јавно претпријатие поради недостатоците на досегашниот систем на работа со бездомните животни. Во текот на 2018 година против Градот Скопје и ЈП Комунална хигиена поднесени се над 200 тужби за надомест на штета заради напад и гризнување од бездомни кучиња.

Во креирањето на организацијата на претпријатието и неговите органи ќе бидат вклучен и невладиниот сектор со искуство во  сферата на заштитата на животните.