Замена на в.д. директорката на ЈП „Лајка“, бараат активисти за заштита на животните

Скопски активисти за заштита на правата на животните бараат итна замена на в.д. директорката на Јавното претпријатие „Лајка“ со активист-волонтер. Една од причините за ваквото барање, како што тврдат е тоа што в.д. директорката и Град Скопје во овие година и пол не стерилизирале и кастрирале ниту едно куче, а таквата состојба, велат дека е резултат на целосното исклучување на активистите од сите процеси поврзани со третманот на бездомните животни во Град Скопје.

„В.д. директорката е неподобна за функцијата на која е наместена не само зашто не работи за доброто на бездомните животни, туку и зашто згора на тоа си ја злоупотребува службената должност така што неосновано прогонува активисти, почнува процеси против нив и нивните соработници – ветеринари/пансиони, поднесува кривични пријави, им ја опструира работата и им се заканува со тужби“, стои во Фејсбук реакцијата на активистката и советничка во Град Скопје Драгана Велковска.

Како што најави, за тоа наскоро во јавноста ќе бидат изнесени докази кои ќе се процесираат преку институциите.

„Поради сето горенаведено, сите скопски здруженија едногласно бараат смена на в.д. директорката и поставување на долгогодишен активист-волонтер на функцијата директор на ЈП Лајка за конечно да се реши прашањето со бездомните животни на хуман начин“, стои во реакцијата.

Во повеќе наврати биле поднесени и барања до Град Скопје за дисперзиран третман на бездомните животни, но, како што се вели во статусот, Град Скопје не сака да послуша наука и аргументи.

„Секоја година барам во буџетот на Град Скопје да се вметне ставка субвенционирање на стерилизација/кастрација на вдомени бездомни животни за кај граѓаните да се поттикне културата на хумана контрола на бездомните животни, но секој таков предлог ми е без никакво образложение отфрлан од владејачкото мнозинство“, пишува Велковска.

Скопските активисти целосно волонтерски му ја работат работата на Град Скопје, тврди Велковска, додавајќи дека доколку тие располагаат со доволно донации, на месечно ниво имаат капацитет да стерилизираат/кастрираат над 300 кучиња и над 200 мачки, како што бил случајот изминатите неколку месеци.

Само во моментов, додава таа, активистите имаат згрижено над 500 бездомни животни, а секој месец вдомуваат стотици. Таа посочи дека во тек е изработка и на регистар со цел поефективно да се следат животните кои се истретирани и да се имаат веродостојни податоци.

„Бројот на бездомните животни во Скопје нема да се стави под контрола сѐ додека долгогодишни активисти-волонтери не почнат да управуваат со стационарот. Бараме поддршка од јавноста, од љубителите на животни кои долги години ја следат нашата работа и кои добро нѐ познаваат и нас и нашите искрени намери и цели. Доста со судбините на живи суштества управуваа свирепи неспособници“, порачува Велковска.

СКОПСКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНИ ЕДНОГЛАСНО БАРААТ ИТНА ЗАМЕНА НА В.Д. ДИРЕКТОРКАТА НА ЈП ЛАЈКА СО…

Posted by Драгана Велковска on Tuesday, 25 August 2020

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов во изјава за медиумите, вчера посочи дека очекува јавното претпријатие да проработи во септември.

Во однос на работата на директорката на јавното претпријатие, тој посочи дека капацитетот е при самиот крај и треба да се пушти, додавајќи дека не може да се зборува за реален квалитет или неквалитет во извршувањето на функцијата.

„Секако, работата на секој еден раководител, во било која градска институција е под опсервација и се санкционира“, посочи Шилегов.

Што се однесува на реакциите од здруженијата за заштита на животните дека тие ги прават операциите, додека стационарот иако не работи, зема пари, Шилегов рече дека биле издвоени средства пред почетокот на пандемијата, со цел да им се дадат на здруженијата да ги вршат тие операции за коишто зборуваат.

„Мора да бидеме сите вклучени инклузивно во тој процес за да го решиме проблемот со кучињата скитници“, изјави Шилегов.