Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) реагира на непрофесионалниот однос на организаторите кон новинарите на годинешната прослава на Илинден на Мечкин Камен. Наместо пристап и услови за работа, велат од ССНМ, новинарските екипи се соочија со ограничувања и игнорантски третман.
„На колегите кои требаше да известуваат и да ја пренесат атмосферата од празнувањето им беше отежнат пристапот до местото на настанот, а не им беше обезбедено место за работа со образложение дека нема доволно простор и дека истиот ќе биде користен само за делегациите“, забележува ССНМ.
Од ССНМ посочуваат дека оваа пракса не е нова и сведоци се дека се повторува при секоја поголема прослава во организација на државните институции, што според Синдикатот говори дека луѓето што се задолжени за медиумите немаат чувство, ниту знаење или едноставно не сакаат да ги обезбедат минималните услови кои се неопходни за работа на новинарите.
„Истите притоа не водат сметка за начинот и ефектот на кој, на јавноста ќе ѝ биде доловен амбиентот, и испратена веста за одржана манифестација, а во овој случај станува збор за најзначајната за македонската државност“, нагласува ССНМ.
ССНМ смета дека на ваквиот приод на државните службеници кој е заснован, пред сѐ, на непочитување на медиумите и потценување на новинарите и сите медиумски работници мора да му се стави крај, зашто постои сериозна опасност во следниот случај граѓаните да останат и без основната информација.
„Затоа ССНМ ги повикува најодговорните во земјава да соработуваат со медиумските организации и заеднички да најдат решение зошто продолжение на ваквиот континуиран третман на гласот на јавноста ќе доведе и до нарушување на основното демократско право за правовремено и точно информирање“, стои во соопштението Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Фото: ССНМ