ССНМ и ЗНМ: Селективната правда за 27 април е неправда за граѓаните и новинарите

Дваесет и седми април 2017 година е симбол на неказнивост на нападите врз новинарите, запаметен како црниот четврток за новинарите во Македонија кои настрадаа за време на упадот во Собранието, велат новинарските организации ЗНМ и ССНМ, кои се собраа и одржаа прес-конференција пред Основното јавно обвинителство.

Одбележувајќи го 2 ноември, Меѓународниот ден за запирање на неказнивоста на нападите врз новинарите, претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски потсети на насилството врз нoвинарките, новинарите, фоторепортерите и снимателите, врз граѓаните, а воедно и врз уставот кое се случи на 27 септември.

„Денеска сме овде да го изразиме нашиот протест, среде уште една политичка драма, но време е да ја адресираме вистинската криза која трае и го обележува нашиот тридецениски опстанок. Таа не е политичка, таа е криза на правдата, таа е криза на правосудниот систем, кој секогаш беше инструмент за спречување или поттикнување нови општествени трауми. А што добивме ние од 27 април? – Ние добивме уште една порака дека сме спречени да ја водиме нашата работа онака како што граѓаните заслужуваат. И не сме овде за да бараме солидарност од граѓаните, туку стоиме освестени дека ова е наш заеднички проблем, на нас новинарите и на јавноста на која треба да ѝ служиме. Не може да се случат суштински општествени промени, ако судството и медиумите не се ослободат од политиката, ниту пак можеме да им служиме достоинствено на граѓаните. Затоа е ова должност на сите и затоа инсистираме на правда. Правда за 27 април и заради нас и заради оние кои ги претставуваме и заради кои постоиме – граѓаните“, изјави Чадиковски.

Се обрати и претседателот на ССНМ, Павле Беловски кој рече: „Од настаните на 27 април, пратениците ја добија правдата, а правдата за новинарите извиси. ЗНМ и ССНМ како партнерски организации не се поколебаа и повеќе од пет години работеа на идеја како преку законско решение да се стави крај на насилството врз новинарите. Но, за да зборуваме за тоа кои би биле нашите придобивки од законските измени во Кривичниот законик, да се вратиме малку наназад. Поминаа точно пет години и една недела, како нашата медиумска екипа и јас бевме нападнати и тоа одекна во јавноста. Една година потоа новинарската екипа на А1 беше нападната на плоштадот ‘Македонија’. Бевме во политичка криза и граѓаните на нас гледаа како на мета за да испратат порака, за жал порака со тупаници. Токму затоа ЗНМ и ССНМ не се поколебаа и иницираа промени во Кривичниот законик со кои идејата беше да се стави крај на нападите врз новинарите, односно да се санкционираат нападите како напади на службено лице. И денес, после 5 години не можеме да зборуваме дека имаме процесуирано таков случај бидејќи законот е се уште во Собрание и не е донесен“, рече Беловски.

Новинарката Душица Мрѓа истакна да не се заборави 27 април, црниот четврток каде новинарите беа напаѓани од сите страни. Пред четири години, вели таа, беше првата новинарка која што даде исказ овде во Јавното обвинителство.

„Четири и пол години потоа мојот напаѓач во Собранието не е ниту идентификуван, а камо ли да има постапка за него. За разлика од тоа, напаѓачите на политичарите се осудени, дел правосилно, дел неправосилно, на дел им се намалија казните, а дел беа амнестирани согласно политичките пазари кои што се направија. Да биде апсурдот уште поголем, ние самоиницијативно, со поддршка на ЗНМ и медиумските здруженија покренавме свои тужби. И видете ја иронијата во Макединија – судиите нè омаловажуваа, нè навредуваа, дури на дел од колегите им го оспоруваа правото и прашуваа дали воопшто биле новинари, а сите нè прашаа што сме барале на 27 април во Собранието. Јас само сакам да им одговорам, се надевам во име на сите колеги кои што на 27 април бевме на крвавиот четврток во Законодавниот дом и во тој злогласен прес центар, ако заборавиле што гледале на телевизија, ние бевме тие кои известувавме, нашите екипи праќаа снимки и извештаи. На 27 април во Собранието, новинарите ја спасија државата. Одговорно тврдам дека да не бевме толку гласни колку што бевме, со целокупниот терор со кој се соочивме, 27 април ќе завршеше многу покрваво со жртви. Токму затоа 27 април и крвавиот четврток не смее да се заборави, правда за новинарите мора да има“, нагласи Мрѓа.

ЗНМ и ССНМ ги повикуваат институциите сериозно и ефикасно да ги истражат сите напади врз новинарите и одговорните да ги казнат. Без таков одговорен однос на институциите нападите ќе продолжат и ќе станат поагресивни, а ова може да го доведе во прашање и животот на новинарите. Институциите треба да разберат дека напад на новинар, во исто време е напад и врз слободата на говорот, правото на граѓаните да се информираат и демократијата воопшто.

Овој настан на ЗНМ и ССНМ беше дел од глобалната кампања за борба против неказнивоста на нападите врз медиумските работници организирана од Меѓународната федерација на новинари.