Повикот на Министерството за здравство да не се снимаат, фотографираат и да не се земаат какви било изјави од лицата кои се рехабилитираат од повредите од пожарот во Кочани, предизвикува сериозна загриженост за слободата на медиумите, но и за одбраната на јавниот интерес, смета Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
Како што велат оттаму, новинарите и медиумските работници најдобро знаат, следејќи ги правилата и стандардите на својата професија, кога, каде и како да земат изјава за настан кој е од висок јавен интерес, како што впрочем е и процесот на лекување на повредените од трагедијата во Кочани.
„Македонските медиуми од денот на пожарот до денес покажаа внимателност и почитување на професионалните стандарди, притоа грижејќи се за чувствата и на настраданите и на нивните фамилии“, истакнуваат од ССНМ.
Според синдикатот, ваквите инструкции, односно забрани од Министерството за здравство, иако затскриени зад терминот апел, претставуваат опасен преседан кој потенцијално може да прерасне во цензура, која е забранета со членот 16 од Уставот.
„Министерството, но и другите државни институции мора да бидат свесни за својата позиција и дека вакви „апели“ всушност претставуваат институционален притисок врз слободата на говорот, како основно право, не само на медиумите туку и на сите граѓани“, потенцираат оттаму.
Медиумите се чувари на јавниот интерес и клучна алка во откривањето на неправилностите во едно општество. Со нивно професионално дејствување, односно известување, додаваат од ССНМ, се крева свеста кај граѓаните за одредена тема и се шири фронтот за подобрување на состојбите, како што впрочем беше и со сите извештаи за условите во кои се одвиваше рехабилитацијата на повредените по големата трагедија во Кочани.