ССНМ: Апел за заштита на новинарските екипи за време на топлотeн бран

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) апелира до сопствениците, менаџерите и уредниците на медиумите да ги почитуваат мерките на Владата и да не ги испраќаат своите екипи на терен ако за тоа не се создадени услови со кои ќе ги заштитат новинарите од топлотниот бран.

„ССНМ во исто време ги повикува и политичките и општествените чинители да избегнуваат настани и обраќања на отворено, но и случувања кои бараат подолг престој на простор на кој температурите се високи. Предлагаме настаните предвидени од претходно да се ревидираат, да се намалат или да се преместат на локации на кои има услови за работа на медиумските екипи“, соопштува Синдикатот.

ССНМ бара, ако веќе мора да известуваат во живо, новинарите и медиумските работници да бидат соодветно опремени од своите медиуми, да им биде обезбеден превоз, да им се обезбеди освежување, а се’ со цел да се избегнат ситуации во кои ќе биде загрозено здравјето на оние што информираат.

„Исто така, новинарските екипи кои известуваат за пожарите кои изминативе недели горат низ државата треба да бидат соодвено заштитени, односно да им бидат обезбедени барем маски и заштитни очила, а медиумите да се трудат да испраќаат замена за репортерите на пократки временски периоди, особено кога станува збор за опасни ситуации во кои од пожарите се шират отровни гасови“, нагласува ССНМ.

За сите случаи во кои ќе бидат нарушени основните услови за работа на новинарите, снимателите, фоторепортерите и останатите лица ангажирани во процесот на известување, ССНМ најавува дека ќе реагира и ќе ги пријави до надлежните институции.