ССМ: Работниците во туристичките места ќе робуваат во недела

По вчерашните измени на Законот за трговија, за кои информираше министерот за економија, Крешник Бектеши, со кои се овозможува работа во недела и државни празници на сите трговци во туристичките места, од Сојузот на синдикатите на Македонија, обраќајќи му се на министерот, реагираат дека оваа одлука е против интересите на работниците.

„ССМ со право, уште на самиот почеток на процесот на уредување на недела како ден на неделен одмор укажуваше дека ова право во никој случај не смее да се регулира со друг закон освен со Законот за работните односи и дека во тој случај му се дава можност на еден министер со потпис да одлучува за судбината на работниците, што по 6 месеци се покажа како точно, иако во тој период од министрите бевме убедувани дека тоа нема да биде случај. Министерот кој на 2 јануари се фалеше дека недела неработен ден е реалност, на 27 јуни се фали дека сите трговци во туристичките дестинации ќе работат во недела. Трговците можеа и до сега да работат но самите, но на министерот очигледно не му се допаѓа тоа па сега работниците ќе им работат на трговците. Министерот за економија тргува со човечки судбини, па прашуваме дали на работниците им е потребен министер трговец како него“, стои во соопштението на ССМ.

Вчера Бектеши посочи дека со измените и дополнувањата на Законот за трговија се очекува дополнително да се поттикне економската активност во земјата, посебно во туристичките места.

Со измените во законот, се одредува дека работниците во трговските објекти кои ќе работат во недела и празници ќе добијат дневница поголема за 100 проценти.

Законските измени ќе стапат на сила веднаш откако ќе бидат објавени во Службен весник.