Недела останува неработен ден, но не и за работниците во туристичките места

Министерот за економија, Крешник Бектеши, информираше дека се усвоени измените и дополнувањата на Законот за трговија со кој се овозможува работа во недела и државни празници на сите трговци на мало и на големо во туристичките места, утврдени со Законот за туристичка дејност.

Според Бектеши, со измените и дополнувањата на Законот за трговија се очекува дополнително да се поттикне економската активност во земјата, посебно во туристичките места.

„Имајќи ги во предвид податоците кои што ги имаме од Државниот завод за статистика за раст на бројот на туристи од почетокот на годината, а и очекувањата согласно веќе направени резервации за странски туристи кои што оваа туристичка сезона ќе ја посетат Северна Македонија, посебно Охрид и Струга, согласно законските измени очекуваме зголемување на туристичката активност во целата земја“, нагласи тој.

Со измените во законот, се одредува дека работниците во трговските објекти кои ќе работат во недела и празници ќе добијат дневница поголема за 100 проценти.

Законските измени ќе стапат на сила веднаш откако ќе бидат објавени во Службен весник.