Средношколски пленум: Поднесени се голем број приговори за екстерното тестирање

Голем број нерегуларности и нелогичности, технички пропусти го пратат овој процес и оваа година, соопшти Александар Милевски од Средношколски пленум на денешната прес-конференција. Тој вели дека до нив пристигнале голем број поплаки од повеќе средношколци.

Милевски рече дека досега биле поднесени голем број приговори за екстерното тестирање, а се очекува да има многу повеќе кога ќе бидат изнесени резултатите.

„Имаме прашања на албански јазик, а одговори дадени на македонски јазик. Исто така, прашања на албански јазик, даден еден одговор на англиски јазик, а други два одговори немаме. Сакаме да го прашаме министерот Абдулаќим Адеми, уште еднаш, дали екстерното тестирање треба вака да изгледа како што изгледа и дали ова е она екстерно тестирање кое тој ни го ветуваше на средношколците и на целокупната јавност во Македонија? Она екстерно тестирање на кое нема да има нерегуларности и технички пропусти и дали не му е барем малку срам поради некои негови грешки и на некои луѓе од министерството учениците да бидат оштетени и деградирани.“, запраша средношколецот.

Вчера пак, Министерството за образование и наука информира дека процесот на екстерно оценување се реализира непречено.

„До овој момент нема пријави за технички или проблеми од каква било друга природа. Во контекст на натписите во дел од медиумите посветени на прашањата кои се дел од процесот на екстерното тестирање на учениците, апелираме на понатамошна коректност во информирањето и елиминирање на сите обиди за нивно квалификување како нелогични и несоодветни за учениците на одредена возраст, или пак, во краен случај додавање на политичка конотација на содржината.

Би сакале да информираме дека сите прашања коишто се дел од процесот на екстерното тестирање се изведени и изготвени согласно наставните планови, програми и цели. Истите се прилагодени на возраста на учениците и развојните карактеристики на соодветната возраст“, се вели во соопштението на МОН.

Деновиве многубројни наставници и ученици се пожалија за изобилство од технички и содржински грешки при екстерното тестирање.