Средношколски марш за чист воздух и во Битола

*Дополнување: Иако беше најавен и промовиран, битолскиот огранок на „Петоци за иднината“ вечерва (18 декември) го откажа средношколскиот марш. За Радио МОФ објаснуваат дека ќе се обидат да го организираат идната недела. Најавата за настанот останува достапна во продолжение.

Локалниот огранок на „Петоци за иднината“ („Fridays For Future“) во Битола, во петок (20 декември) од 12:30, најавуваат средношколски марш за чист воздух со кој ќе побараат итни мерки за решавање на проблемот.

Преку Фејсбук ги повикуваат своите врсници да им се приклучат на маршот кој ќе се движи од општинската зграда, до хотелот „Епинал“ и назад.

„Време е и битолските средношколци да покажат дека им е доволно од дишење отровен воздух!“, се вели во најавата на настанот.

Инаку, вчера, иницијативата „Поинаку“ одржа протест пред општинската зграда и Народниот театар од каде го изразија револтот од аерозагадувањето. Демонстрантите се пресретнаа со градоначалничката на Битола, Наташа Петровска која, пак, подоцна преку видеопорака им се обрати велејќи дека не ја негира состојбата со загадувањето, туку со новите политики покажала дека е свесна за проблемот.

Претходно, над 35 различни организации, иницијативи и движења здружени во ткн. #ЗеленФронт најавија марш во Скопје од 17 часот од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).