Битолчани излегоа на протест за чист воздух

Со протест пред општинската зграда и во Народниот театар, битолчани попладнево го изразија својот револт од аерозагадувањето.

Фото: Поинаку

Новогодишната елка пред зградата на Општината ја „украсија“ со пораки за чист воздух, по што се упатија кон Народниот театар каде се одржуваше манифестација по повод празникот Св. Нектариј, заштитник на градот. Таму ја пресретнаа градоначалничката Наташа Петровска, скандирајќи за чист воздух.

„Благодарност до сите кои вечерва и покрај енормното загадување дојдоа пред општината, благодарност за пораките на балоните, благодарност за фрлените јајца врз општината, благодарност шо прошетавме достоинствено до домот на културата и на достоинствен начин си ги побаравме правата од надлежните. Не е мизерно да бараш чист воздух мизерно е да се криеш и да ги навредуваш оние кои те гласале и те донесле на власт! Воздухот и болестите не познаваат ни партија ни вера ни власт ни опозиција!“, велат од иницијативата „Поинаку“, кои беа организатори на денешниот протест.

Градоначалничката Петровска, пак, по протестот објави куса видепорака во која вели дека демонстрантите избрале несоодветно место и време за изразување револт. Таа нагласи дека не ја негира состојбата со загадувањето, туку со новите политики покажала дека е свесна за проблемот.

По денешната најава за протестот, Општина Битола преку соопштение реагираше дека во изминатите два дена не е надмината границата на штетни честички во воздухот.

„Според добиените податоци од Министерството за животна средина и просторно планирање, измерени за мерната станица Битола 2, во двата изминати последователни денови (15 декември и 16 декември), не се надминати граничните вредности“, стои во соопштението.

Од општината ги повикаа граѓаните да ги следат официјалните соопштенија од страна на општината во наредниот приод.