Средношколци креираа иновативни решенија за производство и заштеда на енергија во своите училишта

Учениците од средните училишта се способни и спремни да бидат носители на промени во општеството преку своите иновативни решенија за различни општествени проблеми и предизвици, беше заклучокот од Bootcamp-от на UPSHIFT програмата.

„Во рамките на програмата, од 19 до 21 декември во Струга се одржа тридневен настан-UPSHIFT Bootcamp  за развој и поддршка на социјални иновации поврзани со енергијата каде 10 средношколски тимови беа избрани за финалисти на отворениот повик на програмата“, соопштува ЛЕАД.

Од таму посочуваат дека средношколски тимови од Кочани, Кичево, Битола, Кавадарци и Радовиш составени од по 5 ученици со поддршка на ментор ги развиваа своите решенија за проблемите поврзани со производство и заштеда на енергија.

„Користење на застарени системи за загревање кои работат на фосилни горива, загадувањето на животната средина, високи сметки за струја, се само дел од предизвиците за кои средношколците понудија свои решенија“, велат од ЛЕАД.

Пет тима беа прогласени за победници од стручно жири врз основа на презентациите и потенцијалот на решението:

СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани ќе изградат 12 топлински цевки за загревање на воздухот кои трошат 59% помалку електрична енергија. Овие топлински цевки ќе се користат за целосно загревање на 6 училници во училиштето.

СОУ „Мирко Милески“ – Кичево ќе направат и постават плочки во училишниот ходник кои преку магнетна индукција ќе произведуваат електрична енергија од чекори. Преку тоа ќе направат заштеда на струја од 1800kw годишно или 48.000 денари.

Државното музичко училиште – Битола ќе постави батерии за чување на електрична енергија која ќе се добива од електрични велосипеди и ленти за трчање поставени во училишната теретана. Со тоа ќе направи месечна заштеда од 30% од сметките за струја.

СОУ „Ќиро Спанџов Брко“ – Кавадарци ќе конструираат топлински акумулатор од песок за складирање на енергија произведена од вишокот од фотоволтаичните панели на училиштето. Овие акумулатори ќе се користат за целосно загревање на училишната работилница со што ќе направи заштеда од 120000 денари на годишно ниво.

СОУ „Коста Сусинов“ – Радовиш ќе постават 3 велосипеди со вграден генератор за произведување електрична енергија. Електричната енергија ќе се користи за загревање на училишната сала со што ќе се направи заштеда од 15.000 денари на годишно ниво.

Победницитe добија по 120.000 денари и тримесечно менторство за развој на социјалните иницијативи во своите заедници.