„Спреј град“ – цртање на мурал за скопскиот земјотрес и детски работилници за цртање графити

Пет графити уметници од Нинберг ќе го посетат Скопје, каде преку тродневен мултимедијален настан ќе изработат мурал по повод шеесетгодишнината од скопскиот земјотрес, ќе изработат мурал, а ќе одржат и детски работилници за цртање графити, известуваат од КСП Центар Јадро.

Оттаму посочуваат дека „Колект Жардин“ од Нирнберг ќе престојуваат во Скопје од 14 до 16 јули, а тродневниот настан ќе вклучува цртање на мурал во центарот на градот, работилница за графити за деца и завршна манифестација на последниот ден.

„На 15 и 16 јули, уметниците ќе направат огромен мурал. Концептот на ѕидот ќе симболизира спомен за земјотресот во Скопје 1963 година. Во тоа време, во 1963 година, работници од Нирнберг дошле во Скопје за да помогнат при обновата на градот и во име на таа солидарност и денес – точно 60 години подоцна – повторно ќе дојдат уметници од Нирнберг и ќе се обидат да помогнат во редизајнирањето на градот на креативен и уметнички начин“, велат од „Јадро“.

Истовремено, уметниците од Нинберг, заедно со професионални тренери од Скопје ќе одржат работилница на која  децата ќе научат за теоретската позадината на графити-културата како и практични вештини.

„Вечерта ќе биде посветена на претставување на уметничките дела на учесниците на завршниот настан. Тогаш,  ќе биде одржан и   хип-хоп џем, со диџеи и локални рапери. Главната идеја на целиот проект е да се зајакне партнерство меѓу Нирнберг и Скопје и да се претстават меѓународните графити и хип-хоп културата пред широката публика“, истакнуваат од КСП Центар Јадро.

Оттаму дополнуваат дека идејата за овој настан се појавила пред неколку години врз основа на долгогодишното пријателство меѓу графити уметници од Нирнберг и Скопје, но плановите биле откажани поради пандемијата.