Спасовски: Две лица се приведени поради „Јавна соба“, се преземаат активности и против други осомничени

Министерот Оливер Спасовски истакна дека Министерството за внатрешни работи за случајот „Јавна соба“ привело две лица, едно во Битола и едно во Велес.

„Две лица, едно во Битола и едно во Велес се приведени во врска со случајот Јавна соба, а се преземаат мерки и активности и кон други лица. Работиме во координација со јавното обвинителство со цел целосно расчистување на случајот и содветно санкционирање на сторителите“, гласеше објавата на Спасовски.

Тој додаде дека  Министерството работи во координација со јавното обвинителство со цел целосно расчистување на случајот и содветно санкционирање на сторителите.

Премиерот Зоран Заев истакна дека испратени се категорични барања до социјалната мрежа Телеграм да ја избрише групата „Јавна соба“, додавајќи дека институциите ќе бидат упорни  сѐ до негово конечно исполнување.

„Доколку апликацијата Телеграм не го затвори каналот Јавна соба каде се споделува порнографска и приватна содржина од наши граѓани, како и детска порнографија, ќе ја разгледаме и опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација во Северна Македонија, сѐ додека не почнат да соработуваат со нас, со единствена цел да се затвори проблематичната група и да ни помогнат во откривање на идентитетот на оние кои споделуваат слики и прават кривично дело. Се надевам дека нема да има потреба од рестрикции за Телеграм и дека уште денес ќе одговорат на нашите бројни барања и ќе почнат да соработуваат“, објави Заев.

Тој додаде дека Владата не сака да ја цензурира комуникацијата, но ќе се обиде да обезбеди соодветна реакција и од оние кои ги создале овие платформи каде се случуваат вакви кривични дела.

Тој упати и порака до лицата чии фотографии се најдоа во „Јавна соба“.

„Ќе ги преземеме сите неопходни чекори да ве заштитиме и да ги казниме сторителите на овие грозни дела.
Упатувам поддршка и до сите што покажаа солидарност и осуда за ваквите појави. Така го правиме нашето општество посензибилизирано за овие појави кои мора секогаш да бидат обесхрабрени и осуетени во нивните намери“, истакна Заев.

Кој треба да ја заклучи „Јавна соба“?