Советот на Европа отвора случај за „Луково поле“ и „Бошков мост“

Советот на Европа реши да отвори случај, откако македонски еколошки граѓански здруженија, минатата година поднеле жалба до постојаниот комитет на Бернската конвенција за хидроцентралите што државата планира да ги изгради во Националниот парк „Маврово“, соопштија од здружението Еко-свест и Фронт 21/42 на денешната средба со новинарите.

Комитетот ќе провери дали има прекршување на одредбите од оваа конвенција при носење на одлуките за изградба на предвидените 18 хидроенергетски проекти и нивното влијание на територијата на паркот.

„Постојаниот комитет најде основаност и оправданост на нашите тврдења дека балканскиот рис е ставен на ризик со спроведување на Бошков Мост и други хидро проекти. Комитетот соопшти дека ќе спроведе сопствена анализа во самиот национален парк за да го утврди степенот на закана за биодиверзитетот од страна на овој проект“, рече  Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест, јави А1он.

Според Лешоска, откако експерти назначени од Постојаниот комитет ќе извршат проценка на планираните проекти во Националниот парк „Маврово“, ќе се подготват препораки кои ќе бидат обврзувачки за Македонија.

Граѓанските организации сметаат дека со изградбата на 18-те инфраструктурни проекти не е можна заштита на паркот кој претставува „Емералд“ подрачје и идно „Натура“ подрачје.

Од друга страна, Електрани на Македонија (ЕЛЕМ), како што објави Плусинфо веднаш реагираа на ова со соопштение во кое посочија дека за „Бошков мост“ и „Луково поле“ сè е според светските стандарди.

Тие велат дека за „Бошков Мост“ е изработена Студија за оценка на влијанието врз животната средина согласно строгите ЕУ директива, додека за „Луково поле“ студијата е во финална фаза и се очекува да биде завршена до почетокот на наредната година.

„Сите активности се одвиваат со предвидената динамика во согласност со домашната регулатива и правилата на ЕБОР. Во текот на 2012 и 2013 година завршен е едногодишниот еколошки мониторинг на територијата на идната електрана со кој се предвидени и усвоени дополнителни мерки за заштита и минимизирање на несаканите влијанија од проектот. Извештајот од овој мониторинг на биодиверзитетот и на животната средина заедно со други придружни извештаи е доставен до ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање и за него од ниту една заинтересирана страна не стигнаа забелешки во законски предвидениот рок“, се наведува во соопштението.

Голем број од жителите во реонот на Маврово, незадоволни од овој проект во неколку наврати јавно со организиран протестен марш го искажаа својот револт и побараа да се зачува природата и спаси реката Радика. Тие побараа да запрат електроенергетските проекти „Луково поле“ и „Бошков мост“ бидејќи според нив, тоа ќе донесе катастрофални последици за регионот. Воедно, активисти од иницијативата „Да ја заштитеме реката Радика“  изработија гигантски костур од риба во знак на протест во месноста Мелнички мост.