„Солидарност, мобилност, иднина“ – АКТО фестивалот продолжува во Велес

Со муралот „Солидарност, мобилност, иднина“, во Велес пристигна 15-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности.

Автор на муралот е Давор Кешкец, а делото е на површина од околу 300м2, односно на 86 метри во должина и 2,5 метри висина.

Стручно мислење за визуелниот израз на муралот дала комисијата во состав на истакнати уметници од Велес, формирана од градоначалникот со одлука на Советот на Општина Велес.

Во рамките на оваа активност, потпишан е и меморандум на соработка помеѓу ФР~У и Општина Велес.

Муралот „Солидарност, мобилност, иднина“ е дел од серијата на мурали кои се изработуваат во седум градови во земјава и тоа во Битола, Скопје, Гевгелија, Велес, Кочани, Прилеп и Штип.

Годинава АКТО потсетува на вредностите за кои сите овие изминати години се бори и ги промовира како анти-национализмот, антифашизмот, антидискриминација, почитување на различностите, почитување на соседите, солидарноста, помагањето на послабите, слободата и критичката мисла, против насилството и родовата рамноправност.

Во Кочани претставен муралот „Солидарноста е лекот за јакнење на имунитетот“

АКТО Фестивалот го продолжи својот уметнички караван и во Кочани, каде на зградата на „Водостопанство“ е изработен муралот „Солидарноста е лекот за јакнење на имунитетот“. Автор на муралот е Ненад Тонкин, во партнерство со Општина Кочани.

Според организаторот Филип Јовановски, идејата за изработка на мурал во Кочани е во правец на соработка и активирање на оваа локална заедница во продукција на културни настани за заедницата, а пораката „Солидарноста е лекот за јакнење на имунитетот“ има за цел да ја потенцира важноста на солидарноста во актуелните услови на здравствената криза.

„Иницијативата за исцртување на мурали на јавни простори има за цел на креативен начин да зборува за одредени теми кои покренуваат и мобилизираат не само поединци, туку цели групи и заедници кон активирање и работење на заедништвото и заедничкото во градење на едно праведно општество. А токму заедништвото и заедничкото, како и културата на солидарноста, се покажаа како најургентни прашања кон кои треба сите да се фоскурираме во време на пандемијата со коронавирусот. Покрај тоа, оваа програма критички ги адресира, преиспитува и истражува прашањата поврзани со модерното визуелно и архитектонско наследство, нејзината естетика како и нивните последици во денешниот свет“, истакнал тој.