[Фото] Со мурал во Гевгелија продолжува 15-тиот АКТО Фестивал

Со изработка на мурал на ѕидот на приватна куќа на улицата „Маршал Тито“, спроти Музејот во Гевгелија, продолжува програмата на јубилејното, 15-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности, во продукција на организацијата Факултет за работи што не се учат (ФР~У).

Автори на муралот се уметникот Миле Ничевски во соработка со М.Ц, и е во продукција на ФР~У во партнерство со БОШ Фестивалот.

После минатонеделното отварање на 15-тиот АКТО со муралот во Битола како и муралот на домот на култура во Ченто,  АКТО продолжува со интервенции во други градови низ државата во соработка со локалните заедници и различни партнери.

Претходните два мурала, во Битола и во населбата Ченто-Скопје, беа изведени на јавни институции, центри за култура, со цел да се истакне солидарноста и соработката со јавните институции од културата и да се прати порака за заедништво во секоја локална средина поединечно, додека овој мурал  насловен симболично „Физичка дистанца, социјална блискост-комшијата и во арно и во лошо” не случајно е изведен на приватна куќа и директно реферира на солидароста на локалната заедница за време на пандемијата со ковидот.

„Aвторите Ничевски во соработка со М.Ц во идејното решение за овој мурал реферираат на познатата модернистичка слика на Хенри Матис насловена „Танц” (La Danse) но овојпат ставена во локален контекст реферирајќи на  солидарноста за време на пандемијата, ограничувањето со физичка дистанца од два метра но сепак потенцирање на социјалната блискост и радоста да се живее животот со сите ограничувања. Овој мурал повикува на повторно обединување во социјалните релации и блискост на комшиите но со држење на физичка дистанца. Муралот повикува на солидарност на комшиите, на заедништво во борбата со пандемијата која во изминативе неколку месеци потполно го редефинира секојдневното живеење. На муралот во еден дел стои и натписот на гевгелиски дијалект „И уф арно и уф м`ка комшијата е тука”, што во „превод”значи „Комшијата и во арно и во лошо”“, појаснуваат организаторите на Фестивалот.

Овој мурал е дел од серијата на мурали кои се изработуваат во уште 4 други градови во земјава и тоа во Штип, Прилеп, Велес и Кочани, а веќе се заврши муралот во Битола кој, само неколку часа подоцна, беше нагрден со пораки на говор на омраза,  како и муралот во населбата Ченто во Скопје. Автори на муралите се: Јана Јакимовска, Миле Ничевски, Ненад Тонкин, Ристо Аврамовски, Филип Јовановски, Владимир Милиќ и Давор Кешкец и се реализираат во соработка со Гласен текстилец, Штип; БОШ Фестивал, Гевгелија; Културно ехо, Скопје; Центар за современи ликовни уметности ЦСЛУ-Прилеп и Јавен Простор – Прилеп; Народен Театар Битола; Дом на Култура Ченто;  Општина Гази баба; Општина Велес, Општина Кочани и Дом на Култура Бели Мугри – Кочани.

Овој зафат, кој се протега на површина од околу 600 метри квадратни и тоа паралелно во седум градови е концепт, кураторство и организација на Филип Јовановски, извршен продуцент е Ненад Тонкин, а во продукцијата се вклучени и Марија Стојанова, Кристијан Караџовски, Денис Ампев, Александар Јовановски и Ивана Васева.

Покрај во Битола , Ченто и Гевгелија, во периодот што следува, муралите се сликаат во следните градови:

Прилеп:

НАПРЕД, САМО БЕЗ ЗАБОРАВАЊЕ!

Автор: Ристо Аврамовски во соработка со Филип Јовановски и Ненад Тонкин

Во партнерство со ЦСЛУ и Јавен Простор – Прилеп

Штип

ЕДНАКВИ ЗАЕДНО ПОСИЛНИ

Авторка: Јана Јакимовска

Во партнерство со Гласен Текстилец – Штип

Велес

СОЛИДАРНОСТ, МОБИЛНОСТ, ИДНИНА

Автор: Давор Кешкец

Во партнерство со Општина Велес

Кочани

СОЛИДАРНОСТА ГО ЈАКНЕ ИМУНИТЕТОТ

Автор: Ненад Тонкин

Во партнерство со Општина Кочани и Дом на Култура Бели Мугри – Кочани.

„Во општество каде ксенофобијата, национализмот и  дискриминацијата по сите основи е се уште присутна, се поставува прашањето како и на кој начин културата треба да ги активира граѓаните да зборуваат гласно наспроти овие теми? АКТО во време на пандемијата на корона го окупира јавниот простор и адресира пораки кои треба да мобилизираат и еманципираат во насока која ќе пркоси на националистичките и авторитарни тенденции кои сеуште постојат во јавниот дискурс и кои го спречуваат развојот на општеството, ги загрозуваат правата и слободите на граѓаните. АКТО зборува за солидарноста која културата треба да ја иницира и поттикне во локалните заедници со цел создавање на праведно општество. АКТО зборува за важноста на културата и уметноста и за правата на уметницте и културните работници!“, велат од Фестивалот.

Покрај муралите годинешната програма на јубилејното, 15-то издание на АКТО ќе вклучува и други содржини кои ќе се објават дополнително.

Годинава АКТО потсетува на вредностите за кои сите овие изминати години се бори и ги промовира како анти-национализмот, антифашизмот, антидискриминација, почитување на различностите, почитување на соседите, солидарноста, помагањето на послабите, слободата и критичката мисла, против насилството и родовата рамноправност.