Сојуз на средношколци: Притисоци и закани причина за надолниот тренд на бојкотот на наставата

Притисоци и закани од страна на училишните директори и наставниците врз учениците се причината за надолниот тренд на бојкотот на наставата од страна на матурантите, тврдат од Сојузот на средношколци (ССРСМ).

На почетокот на второто полугодие, Сојузот започна со бојкот на наставата, барајќи да се намали бројот на предмети за полагање на матурата, од четири на два. Како што посочуваат тие, во четвртокот, на 21 јануари, наставата ја бојкотирале 78 отсто од матурантите, додека во петокот тој број паднал на 71 отсто.

„Ваквите појави ги кршат средношколските права, Конвенцијата за човекови права и Уставот на РСМ. Ги повикуваме средношколците да ги пријават сите притосоци врз нив, а истите ќе бидат соодветно документирани од наша страна“, стои во соопштението на ССРСМ.

Истовремено, тие посочуваат дека ги демантираат, како што велат, лажните вести дека Сојузот и МОН постигнале договор.

„Таквите вести се комплетно неточни и имаат за цел да ја дефокусираат јавноста и, многу поважно, матурантите. Наместо ширење лажни вести, властите треба да се соочат со аргументите на Сојузот и да ги прифатат нашите барања“, додаваат тие.

Од Сојузот велат дека бојкотот на наставата продолжува во понеделник, а дополнително ги повикаа сите матуранти да се придружат кон отпорот.

„Нашите барања се разумни и подржани од меѓународни примери – нема да се откажаме додека не ги оствариме!“, децидни се од ССРСМ.

Министерката за образование и наука Мила Царовска пак, е децидна дека матурата треба да се спроведе на начин на која што сега е утврдена. Таа претходно одговарајќи на новинарско прашање, рече дека наставата ја бојкотираат мали групи на ученици и додаде дека „тоа е нивно легитимно право, да го изразат незадоволството“.

Со бојкот на наставата во дваесетина градови почна второто полугодие