Сојуз на средношколци: Остануваме на ставот дека наставата треба да се одвива во училишните клупи

Сојузот на средношколци соопштува дека на 30 јануари нивното Генерално собрание едногласно одлучило, со што го потврдило ставот донесен пред две години дека наставата треба да се одвива во училишните клупи.

„Во тој поглед, Сојузот ја поздрави одлуката на Министерството за образование и наука наставата да започне со физичко присуство од вторник, 1 февруари.  Потсетуваме дека ние овој став го делиме со Комисијата за заразни болести и со претставништвото на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија“, се вели во соопштението.

Сојузот верува дека во најлоша ситуација наставата треба да се одвива комбинирано, додека во најдобра таа може да биде и целосно физички. Доколку се јави влошување, велат од Сојузот, тогаш препорачуваат да се оди на комбинирана настава, а не целосно онлајн.

„Најпрвин, сите средношколци, но и членовите на пошироката јавност, се свесни дека интерактивноста и квалитетот на наставата се на далеку повисоко ниво кога таа се одвива во училница споредбено со од далечина. Понатаму, оценките не можат да бидат адекватно проверени во онлајн наставата, додека таа со физичко присуство овозможува соодветна валидација. Што се однесува на физичкото здравје на учениците, во училиштата веќе постојат ригорозни протоколи кои го чуваат здравјето. Ја потсетуваме јавноста дека токму поради амандман предложен од Сојузот во Протоколот се воведе редарска служба во училиштата за време на одморите. Првото полугодие помина целосно со физичко присуство, а стапката на заразеност беше екстремно ниска – факт што покажува дека училиштата биле најбезбедните средини за средношколците“, велат од Сојузот.

Покрај физичкото здравје, дополнуваат од Сојузот, состојбата со менталното здравје на учениците беше многу влошена поради пандемијата. Сметаат дека одлуката наставата да се одвива во училишните клупи им овозможува социјализација на средношколците, а на училишните психолози им дава шанса да разговараат со нивните ученици околу нивното ментално здравје.

„За крај, не смееме да заборавиме дека образованието треба да биде приоритетен општествен сектор на една држава. Во време кога економијата функционира нормално без никакви рестрикции, во време кога сите други тривијални сектори се преплавени од посетители, не смееме како општество да си дозволиме образованието да го направиме исклучок. Тоа едноставно треба да биде на прво место. Заклучно, Сојузот верува дека полугодието не треба да почне од далечина, туку во самите училишта бидејќи наставата ќе биде квалитетна и интерактивна, оценката ќе биде валидна, физичкото здравје ќе биде зачувано, менталното здравје ќе биде запазено, социјализацијата меѓу средношколците ќе продолжи да биде во училиште. Ваквата одлука е потребна за образованието да биде државен приоритет број еден“, се вели во соопштението.

Инаку, утре почнува наставата со физичко присуство, а почетокот на второто полугодие со одлука на Влада беше прологирано за две недели поради епидемиолошката состојба во земјата. На утрешната седница на Комисијата за заразни болести ќе се одлучува како и кога ќе биде спроведен скринингот за КОВИД-19 во училиштата што го најави министерот за здравство Беким Сали.

Тој денеска изјави дека скринингот ќе биде изведен преку центрите за јавно здравје кои ја водат евиденцијата на сите позитивни случаи.

„Една од точките на утрешната седница на Комисијата за заразни болести ќе биде и ова. Утре ќе се одлучува како и кога ќе почне скринингот. Првата недела е многу важна за да се реагира брзо доколку има потреба од преземање на дополнителни мерки“, изјави Сали.