Државниот завод за статистика денеска нема да почне со активностите на терен за попишувањето на населението кое според Законот за попис е предвидено да започне денеска и да трае до 21 април.
Ваквата одлука доаѓа откако пред три дена на лидерската средба која се одржа помеѓу премиерот и претседателот на СДСМ Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, беше договорено пописот да се одложи за во септември, наместо тој да почне денеска, на 1 април.
„Со оглед дека е предвидено Пописот да трае 21 ден, односно до 21 април, Државниот завод за статистика смета дека има доволно време сите предвидени пописни активности да се завршат на време. Во периодот додека се чека разрешница во Собранието на РСМ, Заводот уште еднаш ќе направи проверка на сите организациско-технички активности на терен за да биде уште повеќе сигурен дека сè е подготвено за евентуално започнување со теренското попишување“, стои во соопштението на Државниот завод за статистика.
Премиерот Заев тогаш посочи дека постигнатиот договор е заради имунизација на населението од коронавирусот, како и имунизација на попишувачите кои ќе излезат на терен.
Сепак, за одложувањето и промената кога тој ќе се спроведува, во Собранието е неопходно да се изгласаат измените на Законот за попис, кои според написите на македонските медиуми требаше да се изгласаат во текот на вчерашниот ден. Најава за седница на која ова ќе биде една од точките има и за денеска.