Пописот ќе се одложи за во септември, и ќе се спроведува од 5 до 30 септември, додека апликацијата за попишување на македонските државјани во странство, во меѓувреме ќе остане активна, ова е дел од договорот кој денеска беше постигнат на лидерската средба помеѓу претседателот на СДСМ и премиер на С. Македонија, Зоран Заев и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Премиерот Заев посочи дека постигнатиот договор е заради имунизацијата на населението, како и можност попишувачите да ја примат и втората вакцина. Истовремено, тој истакна дека со ваквиот договор, се одлагаат и локалните избори за втората половина на октомври.
„Притоа секако многу е важно, согласно информациите кои ги споделив со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за она кое што значи имунизација на населението кое што почнува од среда, токму сега, од 31 април, е очекувањата согласно договорите кои што ги имаме со Ковакс механизмот, ‘Фајзер’, од Европската унија очекувањата, договорите од Кина, Русија, се очекувања кои што секако зависат од третите страни кои ги споменав, да до крајот на април имаме 350.000 вакцини, кое што почнувајќи од сега ќе значат гаранција на имунизацијата на населението“, рече Заев.
Истовремено, тој посочи дека е важно тоа што дијаспората ќе продолжи да се попишува во овој период, се до 30 септември, со што ќе се даде можност дополнително, како што рече, сите да бидат мотивирани.
„Ја користам приликата, како за граѓаните дома, така и за нашите граѓани кои што живеат во странство, да ја искористат цела оваа прилика, на сите овие месеци, посебно до дијаспората, до 30 септември да се попишат масовно, но уште еднаш да ја испратам пораката за граѓаните дома, ова е многу важна статистичка операција“, додаде Заев.
Пописот беше предвидено да почне на 1 и да трае до 21 април, а тековно се спроведува и самопопишувањето на македонските државјани во странство, преку апликација, каде досега се самопопишаа 171.620 луѓе.