Утре со почеток од 18 часот пред споменикот на „Св. Кирил и Методиј“, на платото меѓу Филозофски, Економски и Правен факултет ќе се одржи слободен собир, дискусија и организирање на студентска организација која ќе се бори против идејата на министерството за образование и наука за екстерно тестирање на студентите.
„Се работи за мене, за тебе и сите студенти кои сме засегнати од екстерната небулоза“ се вели во повикот упатен кон студентите во Македонија.
Реакциите пристигнаа откако Министерството за образование и наука ги објави новите реформи во Законот за високо образование со коишто студентите од втора и четврта година ќе треба да полагаат државен испит со којшто ќе се види колкав е квалитетот на работата на факултетите.
Студентите од втора година коишто нема да го положат испитот нема да можат да продолжат, така што нема да трошат пари и време, изјави министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми.