Министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми денеска најави две новини кои се планираат во високото образование – државен испит по втора и четврта година на студиите и приемен испит за странски студенти.
Државниот испит ќе важи за сите студенти во Република Македонија – и од државните и од приватните универзитети. Испитот ќе се спроведува двапати – првиот кога ќе завршат втора година и ќе имаат прашања од сите предмети кои дотогаш ги полагале, и по четврта година со прашања од предметите од трета и четврта година.
„Со ова сакаме да изградиме механизми за следење на квалитетот на високото образование и механизми, со кои диплома ќе добиваат само оние кои заслужиле и високото образование да не се сфаќа како бизнис, туку како наука. Сакаме испитот да биде двапати за студентот ако не положи по втора година да знае дека не може да продолжи понатаму, да не троши време, ниту пари“, рече Адеми денеска на прес-конференција.
Според него, овој начин на проверка ќе биде различен од екстерното тестирање во оснивното и средното образование, а испитот ќе го спроведува тело кое ќе биде дефинирано со планираните измени на Законот за високото образование.
„Не знам дали ќе успееме од следната академска година затоа што треба да се формира посебно тело, односно центар, кое ќе ги реализира активностите“, рече Адеми, додавајќи дека е можно таа надлежност да му биде доверена на постоечкиот Државен испитен центар.
Втора новина е воведување приемен испит од идната академска година за странските државјани кои сакаат да студираат во Македонија, поради големиот интерес.
„Во последнава година имаме повеќе заинтересирани и на некој начин имаме и притисок за повеќе студенти од странство да се запишат во Македонија. Тоа е позитивно, и можеби тоа се ефектите од кампањата на Владата и МОН за привлекување странски студенти. Но, од друга страна, тоа може да го загрози имиџот на универзитетите и на државата доколку дозволиме повеќе странски студенти во Македонија. МОН планира и, најверојатно, тоа ќе биде на јавна расправа, да воведе приемен испит за сите странски студенти од следната академска година. Целта е да има филтер кои студенти може да се запишат на нашите универзитети и за да изградиме механизми и за чување на имиџот на универзитетите и за следење на квалитетот на студиите и понатаму на дипломите“, рече Адеми.
На македонските факултети може да се запишат странски студенти, но не повеќе од 10 проценти од вкупниот број студенти на факултетот или на студиската програма.
Извор: Либертас