Со жив штит активистите ќе го бранат Водно од гасоводот

Со жив штит и секојдневно присуство на сртот на Водно, членовите на иницијативата „Го сакам Водно“, најавува борба против багерите и механизацијата што го чисти теренот за изградба на новиот гасовод, при што ќе се уништи дел од густата шума на планината.

„Да го одбраниме Водно! Дојде време Водно да се брани на терен. Дојде време кога СИТЕ сме му потребни на ВОДНО“, повикаа од иницијативата.

Оттаму посочуваат дека не гледаат друго решение.

„Владата одобрува градење, багерите ќе работат. Ако сакаме да спречиме уште еден масакр и тоа најтежок до сега, после сите кули, патишта, градови на Водно и во име на “подобра иднина за сите” контактирајте не со пораќа или коментирате јавно. Секој, буквално секој, што може да дојде горе, колку и да е тоа кратко, дали пешки, дали со автобус до средно, па жичара до врв, а од таму до Седло каде се багерите, СИТЕ сме потребни ГОРЕ на ВОДНО!“, порачуваат од иницијативата.

Настанот почнува утре и ќе трае секој ден додека, како што посочуваат активистите, „не се запре со лудилото на Водно“.

Интензивирањето на активностите за одбрана на Парк шума Водно доаѓа откако Владата најави дека нема намера да се откаже од изградбата на гасоводот чија траса минува по сртот, при што ќе биде уништен дел од шумата. Со гасоводот ќе се носи гасот кон Гостивар, Тетово и Косово, а како што најавија од Влада, на барање на активистите тие направиле измена во дел од трасата, за да заштитат дел од шумата.