Активистите револтирани што багерите на Водно без владина одлука работат на старата траса за гасоводот

Граѓанската иницијатива Го сакам Водно, попладнево на социјалните мрежи објави фотографии од градежна механизација која ја расчистува трасата на Водно, каде што ќе треба да поминува гасоводот. Активистите се револтирани што без владина одлука, наспроти тврдењата на надлежните, рушењето се одвива по старата траса на гасоводот.

„Багерите работеле деновиве, по старото сценарио, кое години наназад добро се установи, во ек на летни одмори удри и гради против граѓанскиот став кој аргументирано бара градење надвор од Водно! Порамнето, искршен сртот, без официјална одлука на Влада! И не, да бидеме јасни, не се како што рекоа МЕР и Кочо Анѓушев, 10 метри и не по изменетата траса која ќе ја намалела штета, туку по старата“, напишаа од иницијативата на фејсбук.

Тие во објавата потсетуваат на повеќе неправилности кои според нив се направени во целата постапка и најавија повеќе информации утре на пресконференција пред Град Скопје.

Претходно екологистите и владини претставници се сретнаа, еднаш на Водновторпат во Владата, каде разговараа за трасата на гасоводот чија изградба ќе ја уништи густата шума по сртот на планината.