Со нов правилник за гранични емисии, инспекторите полесно ќе ги казнуваат загадувачите

Министерството за животна средина и просторно планирање ги усвои измените на правилникот за граничните вредности за дозволените нивоа на емисии и видови на загадувачки супстанции во отпадните гасови со кои се одредуваат ограничувањата на емитувањето загадувачки супстанци во воздухот од оџаците на стопанските објекти во државата. Тие деновиве стапија на сила откако беа објавени во Службен весник.

Според овој правилник, сега сите сопственици на печки со оџаци кај кои инспекцијата ќе измери емисии на јаглерод моноксид и на азотни моноксиди над пропишаните гранични вредности, ќе бидат казнети за загадување на воздухот, пишува Мета.

Правилникот за граничните вредности во отпадните гасови, кој беше од постар датум досега имаше контрадикторни одредби кои во голема мерка го блокираа ефикасното постапување на инспекторите за животна средина, посебно кон помалите загадувачи на воздухот со печки до 1 мегават, чии емисии досега се утврдуваа врз основ на масениот чаден број, што е застарен метод за утврдување на емисии во воздухот. Ова ја отежнуваше работата на инспекторите за животна средина, бидејќи не можеа да го докажат степенот на загадување кај помалите загадувачи, најчесто мали индустриски погони или работилници, кои ги има во голем број во Скопје и во другите градови низ државата.

„Иницијативата за измена на правилникот ја поднесовме до Министерството уште минатиот декември бидејќи бевме соочени со практични проблеми при работата на терен“, вели Мирослав Богдановски, раководител на Инспекторатот на Град Скопје.

Со измената на инспекторите за животна средина и во Скопје и на ниво на целата држава практично им се одврзуваат рацете да постапуваат во овие случаи и тие ќе имаат можност непречено да ја вршат својата работа, а инсталациите доколку не ги почитуваат овие гранични вредности ќе бидат санкционирани.

Радио МОФ веќе пишуваше за проблемот со т.н. чаднокатрански број и инспекторирањето, во склоп на поголемо истражување за начелото „Загадувачот плаќа“.

Радио МОФ истражува: Начелото ,,Загадувачот плаќа” го снемува во скопскиот индустриски смог