„Денови на македонската култура во Будимпешта 2025“ се отворија со изложбата „Што ѕирка од по тепохот?“ од Богларка Фодор на 30 мај во просториите на културниот центар „Balkan Heritage“.
„Златко Панзов ѝ се заблагодари на публиката за интересот и ги најави наредните настани од програмата на овогодинешните Денови на македонска кутура во Будимпешта. Кажа дека конечно се реализираат неговите идеи за поврзување на уметници од двете земји, поддршка на унгарските уметници кои творат инспирирани од македонската култура и забрзаниот културен дијалог и културна дипломатија меѓу Македонија и Унгарија“, се вели во соопштението.
Како што пишува таму, самостојната изложба на Фодор го прикажува секојдневното животно пулсирање на Македонија низ очите на надворешен набљудувач – некој што набљудува без предрасуди, но со голема љубов.
Оршоја Карафиат, унгарска поетеса и книжевна ѕвезда, на македонската читателска публика позната со романот „Малечката Лили“ во издание на „Или-Или“, напиша десет кратки текстови поврзани со илустрациите, испреплетени и со нејзините лични впечатоци од Македонија.
„Не сакам да насликам хиперреалистичка слика за македонската стварност. Едноставно посакувам, кога некој ќе ги погледне овие слики да го почувствува истото што го чувствував и чувствувам кога сум таму. Но, дали е можно да се чувствува исто?“, вели таа за изложбата.
Унгарското музичко дуо „БудаПесме“ ја прошета публиката низ светот на народната македонска музика, а винаријата „Ерос“ со својот асортиман на вина им овозможи на присутните да уживаат во автохтоните македонски вина Станушина, Жилавка и останатите уникатни вина на оваа македонска семејна винарија.
Во наредниот период во рамките на проектот „Дијалог меѓу културите“ изложбата ќе биде поставена во Скопје, Белград и други градови. Организаторите најавуваат два настани во Скопје.
На 5 јуни во кафе-книжарницата Буква во Скопје македонската публика ќе има можност да ја погледне изложбата „Што ѕирка од по тепихот?“ и да ужива во интерпретациите на „БудаПесме“.
На 10 јуни, пак, во книжарницата „Или-Или“ ќе се одржи настанот „Ден на унгарската книжевност“. Издавачката куќа „Или-Или“ ќе овозможат попусти на сите преводи од унгарски јазик, а со почеток во 19 часот македонската публика ќе има можност да ги погледне илустрациите на Богларка Фодор аплицирани на торби, шолји, картички, во интерпретација на „БудаПесме“ ќе има можност да слушне изворна македонска музика, читателите ќе можат да се запознаат со преведувачот Златко Панзов и да уживаат во унгарски вина овозможени од Амбасадата на Унгарија во Скопје.
„Деновите на македонска култура во Будимпешта 2025“ се организирани од Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, Здружението на Унгарците од Македонија-Теледом и културниот центар Balkan Heritage од Будимпешта. Се одржуваат со поддршка на Министерството за култура и туризам на Македонија.