„Смрдлив град“ – Индијци ги сменија имињата на општините во протест против градскитe власти

Гневни жители во индискиот град Агра привремено ги преименуваа имињата на станбените комплекси во „Смрдлив град “ и „Општина на ѓубрето“ во знак на протест против неажурноста на градските власти, пренесува „Би-Би-Си“.

Жителите на општините Шахгањ и Јагдишпура, дел од градот Агра – дом на Таџ Махал, веќе неколку децении се мачат поради незавршен пат кој предизвикува водостој и сообраќаен метеж.

Но, жителите во двете општини на градот се жалат дека мора да живеат во нечистотија, комарци и загаден воздух во своите населби, а ги обвинуваат властите дека не им ги средуваат проблемите и покрај постојаните поплаки.

Фото: BBC

Во изминатите неколку дена, жителите решија да ги преземат работите во свои раце, па на зградите и на раскрсниците беа поставени зелено-бели табли  слични на официјалните поставени од градските власти, но со поинакви имиња.

Па така општината Навнет Нагар станала „Смрдлив град“, општината  Мансаровар станала „Општина на олуци“, а општината Панчшил  станала „Општина на ѓубрето“.

Локалните жители за „Би-Би-Си“ изјавиле дека таблите се отстранети од градските власти, а додале дека незавршениот пат кој започнал да се гради пред неколку децении предизвикува сериозни проблеми за жителите кои живеат во 28 станбени комплекси. Според нив,  монсунските дождови дополнително влијаат на лошата состојба.

Прашан Сикарвар, локален жител, за медиумите изјавил дека незавршениот пат и застоената вода ги спречува неговите деца да одат на училиште.

„Поплавите се толку лоши што училишните автобуси одбиваат да возат за време на обилните дождови. Моите деца мораа да прекинат со настава цела недела. Отежнат е и пристапот за брза помош. И покрај нашите постојани поплаки, локалните власти не направија ништо за да се завршат работите на патот“, додал тој.