Слушачка промоција на новиот албум на „Пиколомини“ во „Ре:старт“

Во музичката продавница „Ре:старт“ во ГТЦ во Скопје, оваа сабота (25 октомври), „Шарла рекордс“ од 12 часот организира отворена слушачка промоција на петтиот албум на македонскиот соло проект „Пиколомини“ – „Може и така, драги“.

Од Шарла велат дека по пауза од 6 години, „Пиколомини“ се враќа на сцена со музички материјал подготвуван внимателно и со лирска линија која прецизно го одразува духот на времето.

„Стилска шареноликост и критички став исполнет со иронија и меланхолија, испреплетени моменти на лична интроспекција, романтично-надреални разговори со Скопје, но и многу нежност во комуникацијата со време-просторот од кој постојано нѝ заминуваат најдрагите. Со нив и здравиот разум, малку по малку. Во свет на општа конфузија на реалноста и кога секој произволно си ја конструира сопствената верзија, прашањето што овој албум реторички го поставува е – може ли и така?“, стои во најавата за албумот.

Комплетен автор на материјалот е Давид Ангелевски, кој го потпиша и албумскиот дизајн, а пост-продукцијата е работена во студио „Кларион“ од Дејан Ангелевски.

Албумот ќе биде достапен на компакт диск во дигипак формат, во строго ограничен тираж.

Истиот може да се преслуша, поддржи и симне во дигитална верзија од Бендкемп профилот на „Шарла рекордс“.

„Овој албум е посветен на посветен на Мирко Попов, Филип Митров и Иван Илиев – Бано. Слава им“, стои во инфото на албумот.

Радио МОФ потсетува на преланското интервју со Давид Ангелевски, чија издавачка куќа „Шарла“ тогаш одбележа 10 години, а проектот „Пиколомини“ е важен бидејќи токму со негово издание ја стартуваше приказната за овој независен лабел:

[Интервју] Давид Ангелевски: Денес е најголем предизвик да се остане надвор од црно-белиот вортекс на апсурд и омраза

Бојан Шашевски