СКРМ: Поединци од Министерството за култура се закануваат со кривични пријави на директори од институции ако покачат плата

Синдикатот на култура на Република Северна Македонија (СКРМ) тврди дека поединци од Министерството за култура се закануваат со кривични пријави на директори од институции од културата доколку платата за месец март ја изготват со 12% покачување.

„Овие поединци со години наназад активно работат против средувањето на работите во културата, посебно откако е потпишан Колективниот договор за култура. Со ваквите постапки ја поткопуваат целата заложба на министерката за култура, која со својата работа одговорно и транспарентно се залага за културните работници и која после вчерашниот прес јавно објави за 12% покачување на платите во културата“, велат од Синдикатот.

Синдикатот за култура во текот на март во неколку наврати јавно реагираше дека решенијата за пресметка на платата за месец март не се во согласност со Колективниот договор за култура и Општиот Колективен Договор за јавен сектор од септември 2023 година.

Според Колективниот договор за култура основицата за пресметка на плата е минималната плата, додека согласно Општиот Колективен Договор за јавен сектор, основната бруто плата на вработените во јавниот сектор се зголемува 10%.

„Ова нацрт решение ги спомнува двата Колективни договори според кои треба да се пресметува платата за месец март, но одредбата од Општиот колективен договор за јавен сектор каде на основицата за пресметка на плата следува 10% покачување( право стекнато со платата за месец септември) во диспозитивот на нацрт решението ја нема. На крајот се се сведува, само на правото од Колективниот договор за култура“, реагираа од Синдикатот.

По ова министерката Бисера Костадиновска – Стојчевска на прес-конференција соопшти дека кратење на плати во културата нема да има и дека сите претходни стекнати права продолжуваат да важат.

„Сѐ е јасно во Решението за плата, платите на културните работници ќе се покачат за нови 12 проценти“, напиша Костадиновска-Стојчевска на нејзиниот Фејсбук профил.