Скопје поставува заштитни столпчиња за тротоарите, скопјани ги отстрануваат

Продолжува големата акција за поставување заштитни столпчиња  по должината  на  повеќе улици и булевари во централното градско подрачје, соопштија од Град Скопје, од каде велат дека ова се прави за зголемување на безбедноста во сообраќајот и непречено движење на пешаците.

„Деновиве екипите на ЈП „Улици и патишта“ извршуваат градежни активности за поставување заштитни столпчиња на тротоарите на булеварот „Свети Климент Охридски“, на потегот од крстосницата со улица „Свети Кирил и Методиј“ до крстосницата со улица „Димитрие Чуповски“. Досега се завршени градежните работи од едната страна на булеварот (пред Европскиот факултет), каде што се поставени 126 заштитни столпчиња, а во моментов се извршуваат градежни работи од другата страна на булеварот, каде што треба да се постават дваесеттина столпчиња“, се вели во соопштението.

Од Град Скопје додаваат дека во оваа акција изминативе два месеца биле поставени околу 300 заштитни столпчиња.

Сепак, дека „досетливите“ се справија и со оваа бариерата покажа неодамнешниот случај пред Министерството за образование и наука , каде ваквите столпчиња беа отстранети за паркирање возила.

„Уништувањето на урбана опрема е казниво. Уништувањето на сообраќајни елементи е исто така казниво. Паркирањето на пешачки површини е исто така казниво… Исклучувањето од ваков булевар на недозволено место е исто така казниво“, реагираа  од граѓанската иницијатива НаТочак.