Скопје Опен 2014 – Прв меѓународен универзитетски дебатен турнир

Меѓународниот турнир Скопје Опен 2014 е во организација на Дебатната програма на Младински образовен форум, и е првиот голем универзитетски дебатен турнир во натпреварувачка дебата во форматот Британска Парламентарна дебата.

Настанот се одржува во Скопје од 7-9 ноември 2014, а на него ќе се натпреваруваат 40 студенти од Македонија, но и универзитети од повеќе земји во Европа. На настанот студентите ќе се натпреваруваат во дебати на актуелни глобални тези поврзани со демократијата, човековите права, економските слободи и граѓанското оштество.

Домаќин на настанот ќе биде Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, во чии простории ќе се одржат 25 прелиминарни дебати, полуфинале и финале. Финалната дебата на настанот ќе го одбере победникот на турнирот, а ќе се случува на , 9 ноември 2014, во 13:00 часот, во амфитеатар 1, Правен Факултет „Јустинијан Први“.

Целиот турнир како и финалната дебата е отворен за публика и ќе биде пренесуван во живо на интернет на каналот http://www.radiomof.mk/skopje-open-2014/ . Јазикот кој ќе се користи на настанот е англиски.

Тимот на Главни дебатни судии на Скопје Опен кој ќе биде задолжен за креирање на тезите за дебатирање на овој турнир е во меѓународен состав: Стивен Рамеш Раџавинотнан (Warwick Debating Union, Велика Британија), Хелена Иванов (Open communication, Србија), Манос Мосхопулос (Debating Society of Greece, Грција) и Георги Велковски (МОФ, Македонија). На настанот покрај главните судии и дебатерите, учествуваат волонтери и организациски тим.

Клучната мотивација за организирање на овој настан лежи во промоцијата на младите како активни граѓани, и ставање на фокус на перспективите на студентите за креирање на национални и меѓународни политики и стратегии, како и потенцирање на важноста на отворената дебата. Со овој турнир се надеваме дека заеднички ќе дадеме придонес кон развојот на дебатата во Македонија, и позиционирање на нашата земја како релевантна во универзитетската дебата на Европско ниво.

Настанот е поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија, Амбасадата на САД во Скопје и Правниот Факултет „Јустинијан Први“.