Скопје Опен 2014 – младите најмногу дебатираат за образованието и политиката

Образованието и политиката се темите за кои младите најмногу сакаат да дебатираат, покажуваат досегашните искуства на неколку учесници на првиот меѓународен универзитетски дебатен турнир во Македонија во организација на Дебатната програма на Младински образовен форум.

Турнирот започна вчера на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, а ќе заврши утре со прогласување на победникот. Освен македонски студенти, на турнирот присуствуваат и студенти од неколку универзитети во Европа.

Емилија Карлквист доаѓа од Шведска, земја која според бројни истражувања се покажало дека има образование на доста високо ниво. Сепак, според Карлквист дебатирањето во Шведска е новост. Таа додава дека дебатата дури во последните неколку години почнала да се рaзвива на неколку универзитети преку формирање на дебатни клубови.

дебата

„Дебатата е важна бидејќи претставува мисловен експеримент што ти дозволува да процениш некоја идеја, но за да бидеш навистина внесен во ова треба да имаш две страни бидејќи треба да се гледа од секоја перспектива. Сметам дека во дебатата треба да постои судир, инаку луѓето би немале за што да се спротивстават“, изјави Карлквист за Радио МОФ .

Во Велика Британија, младите сакаат да дебатираат за невработеноста, но и за теми кои се помалку материјални како што се правата на жените, етничките прашања и како да се спроведе целосна интеграција, вели Стивен Рамеш Раџавинотнан од Велика Британија.

дебата

Според него, младите не сакаат многу да бидат јавно истакнати и да зборуваат за своите идеи. Сепак, постојат луѓе коишто уживаат во дебатата.

„Во овие дебати имаш само 15 минути да се подготвиш, така што немаш многу време за истражување. Затоа, за овие дебати потребно е да имаш големо општо познавање. Ова ти дава можност да го искажеш тоа што го мислиш, но и да го почитуваш туѓото размислување“, изјави Раџавинотнан.

Според Вилдан Дрпљанин, еден од македонските учесници на турнирот кај младите постои интерес за дебатирање, но општиот поим на дебатирање и тоа како е прифатен кај нас предизвикува проблеми и дилеми помеѓу младите.

дебата

„Ке тргнам од себеси, првпат кога дојдоа за регрутација на дебата воопшто не ни знаев што значи тој збор, веднаш го поврзуваме со нешто лошо бидејќи не е толку добро промовиран. Мислам дека недоволната промоција на дебатата предизвикува многу отпор кај младите“, рече Дрпљанин.

Него дебатата го научила да го формулира своето мислење на тој начин што ќе биде поткрепено секогаш со страни „за“ и „против“ бидејќи како што вели тој, не постои црно-бела слика на која што има само добри и лоши страни. Според него, дебатата дава можност да се видат и другите бои, односно да се види сликата во целост.

дебата

За време на турнирот ќе се одржат 25 прелиминарни дебати, полуфинале и финале. Финалната дебата на настанот ќе го одбере победникот на турнирот, а ќе се случува на , 9 ноември 2014, во 13:00 часот, во амфитеатар 1, Правен Факултет „Јустинијан Први“.

„Сакаме да покажеме дека и младите во Македонија можат и имаат капацитет да организираат ваков настан, а од друга страна имаат и можност да комуницираат со дебатери на европско ниво“, рече Сандра Анастасовска од Младински образовен форум.

Според неа, целта на овој настан е да се покрене нивото на дискусија, да има аргументирано и организирано дебатирање и да се позиционира универзитетската дебата како дебата во којашто можат да се вклучат многу студенти.

 

Е.П.