Скопјанец незаконски произведувал и препродавал масло од канабис

Единица за недозволена трговија со дрога при СВР Скопје, поднесе кривична пријава против 38-годишниот М.К., поради постоење основано сомнение дека неовластено набавил дрога марихуана и неовластено произведувал масло од канабис, кое ги продавал во Скопје и Струга.

За стореното кривично дело – „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, предвидено и казниво по член 215 од КЗ на РМ, судија на претходна постапка на пријавениот му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.

М.К. во текот на овој месец од засега непознати лица, набавил поголема количина на марихуана од која дел ја препакувал во помали паковки со намера улично да ја продава на уживатели од Скопје, а дел во својот дом во населбата Радишани, во импровизирана лабараторија ја преработувал во масло. По добиени оперативни сознанија дека М.К. препакуваната дрога и маслото почнал да ги продава на уживатели од Скопје, припадници на ЕНТ презедоа мерки и активности за потврдување на сознанието и обезбедување на материјални докази.

„На 13-ти овој месец од страна на полициски службеници на Единицата М.К. бил забележан како се движи со возило во централното градско подрачје и кога се паркирал на паркинг простор, му било извршено легитимирање, личен преглед и преглед на возилото кое го управувал, а во кое биле неговата сопруга и нејзината сестра. Од извршениот личен преглед, кај пријавениот биле пронајдени еден џоинт, кој во моментот го користел, а во фиоката кај совозачкото седиште биле пронајдени седум полиетиленски паковки марихуана со вкупна нето маса од 16,39 грама, еден шприц во кој имало масло од хашиш, како и две метални дробилки со остатоци од марихуана“, пишува во полицискиот билтен.

Пријавениот и неговите сопатници биле приведени во службените простории на Единицата за недозволена трговија со дрога, а со наредба од судија на претходна постапка истиот ден бил извршен претрес во домот и другите простории каде престојувал во населбата Радишани, при што биле пронајдени и одземени 3,5 килограми марихуана спакувана во шест најлонски кеси, 28,30 грама мешавина од марихуана и тутун,  9,8 милилитри масло од хашиш, 170,66 грама семки од марихуана, како и остатоци од масло од хашиш во предметите кои ги користел за произведување на маслото во импровизираната лабараторија.

При разговор со осомничениот, од полицијата велат дека тој негирал дека пронајдената марихуана и масло од хашиш ги продавал, туку дека ги користел за лекување на неговата мајка.

„Наредниот ден на 14-ти октомври од страна на полициски службеници по дадена усна наредба од судија на претходна постапка од ОС Струга, полициски службеници од НККР Струга извршиле претрес во дом и други простории во Струга, каде живее семејството на пријавениот, при што во поткровјето од куќата биле пронајдени и одземени поголема количина на исушена марихуана и семки од марихуана, спакувани во тегли, пластични кутии и најлонски кеси, како и 47 илјади денари во апоени од 500 и 1000 денари, 580 евра, 150 американски долари и и 70 британски фунти“ се вели во полицискиот билтен.

Според законот, кој стапи во сила на почетокот на годината, канабисот може да се произведува и користи само во Македонија, а може да го произведуваат само правни лица. Тие требаат да обезбедат соодветен простор, атмосферски заштитен со ограда висока најмалку четри месеци, и треба да имаат 24 часовно обезбедување и видео надзор.

Производите од канабис се достапни на пациентите со малигни заболувања и болните од ХИВ. Законот вели дека канабис под строги критериуми ќе може да препишуваат само специјалистите од болниците.

Сепак, откако во јуни се појави првото легално масло од канабис, од компанијата „Реплек“, со значително слаба концентрација, граѓаните и активистите реагираа на високите цени, кои ги надминуваат и оние на црниот пазар. Во последниот месеци и половина, пак, граѓаните пројавуваат голем интерес и за појакото масло, кое оди само преку рецепт, иако меѓу лекарите се уште владее скепса и одбивност да го препишуваат.

Пациентите бараат, дел од докторите „не се замараат“ да препишуваат масло од канабис