Состојбата со човековите права во Белорусија е застрашувачка и продолжува да се влошува, изјави специјалниот известувач на Обединетите нации за земјата, Анаис Марин.
Таа го предупредува Советот за човекови права на ОН дека режимот на белорускиот лидер Александар Лукашенко со намера врши прогон на граѓанското општество поради нивните критички гласови.
„Ситуацијата останува катастрофална. За жал, постојано се влошува“, вели Марин.
Специјалниот известувач потсетува дека уште пред две години предупредила на „тоталитарното застранување“ од страна на властите во Минск, кое било евидентно со „непочитување на човековиот живот и достоинство“ за време на задушувањето на мирните демонстрации кои избија по обвинувањата за лажираните претседателски избори во 2020 година.
„Недостатокот на одговорност за кршење на човековите права подгрева клима на страв кај жртвите и нивните семејства“, додава Марин.
Во нејзиниот извештај таа вели дека биле регистрирани повеќе од 1.500 лица кои се` уште се притворени поради политички причини, а од 2020 година просечно имало по 17 произволни приведувања дневно.
„Имам добра причина да верувам дека условите во притворот се намерно построги за оние кои се обвинети на политичка основа, кои се пренесуваат во ќелии за дисциплинирање поради мали нарушувања на затворските правила“, додава таа.
Во нејзиниот извештај се наведува дека бранителите на човекови права постојано се соочуваат со прогон, и повеќе од 1.600 „непожелни организации“ биле присилно затворени, вклучително и сите независни синдикални организации.
„Ова илустрира намерна државна политика за прогон на граѓанското општество од последните елементи на дисидентство“, вели Марин.
Во Белорусија, според неа, независните медиуми се етикетирани како „екстремистички организации“, додека академската слобода „систематски е под напад“. Истовремено подложни на „идеолошка контрола“ се и основните и средните училишта, со тоа што децата се обесхрабруваат да ги изнесат своите мислења и се подложни на закани и последици доколку покажуваат некакви дисидентни ставови, заклучува специјалниот известувач.