Сити Мол: Фирмата „Лендсервис“ шири невистини, ја прекинавме соработката заради неквалитетни услуги

Сити Мол: Фирмата „Лендсервис“ шири невистини, ја прекинавме соработката заради неквалитетни услугиПо јавно изнесените обвинувања од страна на фирмата „Лендсервис“, која ја одржуваше хигиената во трговскиот центар „Скопје Сити Мол“, реагираат од шопинг центарот и ги отфрлаат тврдењата за дискриминација.

„Во целост ги отфрламе тврдењата на фирмата „Лендсервис“ дека од страна на Скопје Сити Мол е направена каква било дискриминација на нивни вработени, а посебно не дискриминација по национална основа, врз припадниците на ромската националност. Вистинската причина заради која „Лендсервис“ во јавноста ги пласира овие лажни конструкции лежи во фактот што „Скопје Сити Мол“ ја прекина соработката со оваа компанија. Поради исклучително нискиот квалитет на нивните услуги и бројните поплаки од посетителите и закупците на „Скопје Сити Мол“, соработката е прекината и на нејзино место е ангажирана друга компанија. Злонамерните и лажни обвинувања доаѓаат веднаш откако беше прекината соработката заради неквалитетните услуги на Лендсервис“, се вели во соопштението на „Сити мол“.

Во реакцијата не се споменува спорниот мејл кој беше објавен во медиумите, каде наводно еден од менаџерите на „Скопје сити мол“ и наредува на компанијата „ЛендСервис“ да ги отстрани сите вработени од ромска националност во одделот за храна.

Во меѓувреме, случајот го следат Народниот правобранител како и министерството за труд и социјална политика. Портпаролот на МТСП, Давор Политов за Радио МОФ изјави дека во деновите кои следат, инспекторите на Државниот инспекторат за труд ќе излезат на терен и ќе го испитаат обвинувањата за дискриминација на работното место.

Скандалот започна откако порталот А1он го објави мејлот во кој „Скопје Сити мол“ наводно и наредува на компанијата најдоцна до 20.01 годинава, да ги отстрани сите вработени од ромска националност од одделот за храна, по што револтирани граѓани на социјалните мрежи се организираа за бојкот на „Скопје сити мол“.

К.О.