Инспекции ќе испитуваат дали имало дискриминација врз Ромите во случајот „Сити мол“

Инспекции ќе испитуваат дали имало дискриминација врз Ромите во случајот „Сити мол“Инспекторите на Државниот инспекторат за труд ќе излезат на терен и ќе испитуваат дали во случајот „Скопје сити мол“ имало дискриминација врз Ромите, дознава Радио МОФ.

„Државниот инспекторат за труд ќе изврши надзор во компанијата од која се бараше да бидат отстранети работниците припадници на одредена националност, дали одговорила на таквите укажувања, односно дали на некој од вработените му е ускратено одредено право од областа на работните односи, или во краен случај дали се доделени решенија за престанок на работниот однос, коишто се незаконити и има елементи на дискриминација (член 66 од Законот за работни односи),  по што ќе следуваат соодветни законски мерки“, вели портпаролот на Mинистерството за труд и социјална политика, Давор Политов.

Од канцеларијата на Народниот правобранител за Радио МОФ велат дека уште утрово отвориле предмет за случајот со евентуалната дискриминација врз Ромите во познатиот шопинг центар и иако Народниот правобранител нема надлежност  врз приватните претпријатија, тој е запознаен со случајот.

Од компанијата за чистење и дезинфекција ЛандСервис ДООЕЛ, во допис кој го достави до Радио МОФ, тврдат дека „Скопје Сити мол“ ја прекинал соработката со нив, бидејќи одбиле да ги отстранат вработените од ромска националност.

Бурата реакции на социјалните мрежи започна откако порталот А1он го објави мејлот во кој Скопје Сити мол наводно и наредува на компанијата најдоцна до 20.01 годинава, да ги отстрани сите вработени од ромска националност од делот за храна.

Радио МОФ го контактираше и маркетинг одделот на Скопје Сити Мол за реакција околу спорниот мејл, но оттаму ни одговорија дека нема да даваат изјави и наскоро ќе излезат со соопштение за случајот.

Во меѓувреме на Фејсбук веќе се отворија неколку групи кои повикуваат на бојкот на Скопје Сити Мол заради дискриминација и ширење на омраза кон Ромите, а дел од активистите најавуваат и протести пред шопинг центарот.

К.О.