„Сите заедно можеме“ со хуманитарна акција за помош на народните кујни

Граѓанското здружение „Сите заедно можеме“ започнува со реализација на нова хуманитарна акција за достава на помош до сите народни кујни во Северна Македонија.

Од здружението велат дека целта на оваа акција е да им помогнат на граѓаните кои се најранливи во време на пандемијата со коронавирусот, а истовремено и да им олеснат на надлежните институции кои се грижат за овие граѓани.

„Нашата цел е со оваа хуманитарна акција да ги опфатиме сите 49 народни кујни во земјава кои опслужуваат околу 3.200 граѓани, на кои оброкот им е неопходен. Веќе се запазени сите законски постапки, извршени се консултации со надлежното Министерство за труд и социјална политика кое даде прецизни упатства за начинот на доделување на оваа наша хуманитарна донација. Помошта за храна, компир, зелка, кромид, сол, брашно, месен нарезок, паштета, макарони и слични производи ќе стигне до секоја народна кујна во земјава, во секое населено место, зависно од бројот на корисници кои ги опслужува. Покривајќи ги и трошоците за транспорт сакаме да ја ослободиме државата од било какви трошоци, и затоа оваа наша донација нема да ја чини државата ниту денар. Хуманоста и помагањето се наши водилки, тука сме да им помогнеме на граѓаните сега, кога помошта им е неопходна“, велат од „Сите заедно можеме“.

Претходно здружението имаше акции за хуманитарни пакети за ранливи групи граѓани, како и хуманитарна помош за граѓаните кои се наоѓаат во казнено поправните домови и установи.