„Сите заедно можеме“ со хуманитарна акција за граѓаните од казнено поправните домови

Граѓанското здружение „Сите заедно можеме“ по донациите со хуманитарни пакети за ранливи групи на граѓани, денес најавија дека започнуваат со хумана помош за граѓаните кои се наоѓаат во казнено поправните домови и установи. 

„Свесни дека глобална пандемија со коронавирусот предизвика последици врз економијата и погоди многу наши граѓани, во духот на солидарноста, овде сме да им помогнеме на најпогодените, на ранливите категории, но и сите оние кои им е потребна помош“, соопштија од здружението.

Од таму велат дека држава обезбедува услови за сограѓаните по казнено поправните домови и установи, но сметаат дека во ова време помошта им е неопходна и на нив.

„Хуманитарната помош вклучува пакети со средства за лична хигиена и одредена количина прехранбени производи“, велат од „Сите заедно можеме“.

Според здружението, целта е да опфатат што повеќе казнено поправни домови и установи, а помошта ќе ја реализираат како и досега, согласно сите процедури и мерки за заштита на здравјето.

„Солидарноста и меѓусебното помагање се нашата водилка. Тука сме за сите граѓани, тука сме да помогнеме. Сите заедно можеме“, стои во соопштението на Здружението.