Сите за МКЦ со јавно писмо до советниците на Град Скопје: Застанете на страната на културата и младите

Движењето Сите за МКЦ информира дека има објавено јавно писмо со барања во врска со Младинскиот културен центар (МКЦ), кое велат дека секој граѓанин може да го испрати до мејл адресите советниците на Град Скопје.

„Целта на оваа акција е да се покаже континуираното незадволство со одлуките на Град Скопје како и континуираната подршка за МКЦ од страна на граѓаните“, посочуваат од движењето.

Дополнително, велат од Сите за МКЦ, доставени се двете петиции за МКЦ во Архивата на Град Скопје – една физичка петиција со преку 1.500 потписи, собрани на концертниот собир пред МКЦ на 22 јануари, и онлајн петиција со преку 5000 потписи.

„Барањата на петицијата и писмото се исти како и од почетокот на движењето за МКЦ: да се врати програмскиот буџет на МКЦ на нивото на кое бил со години и да има регуларен конкурс за директор на МКЦ“, посочуваат од движењето.

Во писмото, меѓу другото, стои дека кратењето на програмскиот буџет на МКЦ за 92% е крајно неприфатливо и сериозно ја загрозува способноста на МКЦ да ги одржува мноштвото културни настани кои редовно ги одржува години наназад, како фестивалите Здраво Млади, Млад отворен театар и Cinedays.

„Дополнително, поставувањето на в.д. директор кој не е од сферата на културата и не е од редот на вработените на МКЦ е крајно нерегуларно и повторно ја загрозува способноста на МКЦ да функционира со полна пареа како што функционирало со години“, стои во писмото.

Исто така, од движењето посочуваат дека МКЦ е дом на голем број уметници, музичари, актери, филмски и културни работници и уште многу сограѓани кои редовно ги посетуваат настаните во оваа институција.

„Тој има 50-годишна традиција и во 2022 година ја доби наградата ‘13 Ноември’ за особени достигнувања во културата. За жал, МКЦ остана речиси единствениот простор и јавна установа која автентично ја поддржува младинската култура. Бараме од вас советниците да застанете на страната на културата и младите“, се вели во писмото.