„Синило“ – самостојна изложба на цртежи и промоција на арт книга на Јелена Белиќ

Во Мобилна монтажна галерија во Парк на Франкофонија вечер (петок, 19 септември) од 20 часот ќе биде отворена изложба на цртежи и воедно ќе има промоција на арт книга на Јелена Белиќ.

Книгата е печатена во Смак Прес-Загреб (ризо печат), а корицата во сито печат во Партизанска штампа-Скопје.

За изложбата пишува Горан Стојчетовиќ:

„Многу ми е драго што Јелена ме покани да напишам текст за нејзината прва самостојна изложба на цртежи ‘Синило’, која покрај големиот квалитет, носи и силна потврда за постоењето на едно посебно творечко јадро во секој човек на планетата. Имено, цртежот што настанува од таквото јадро го нареков ‘длабински цртеж’. Длабинскиот цртеж опфаќа едноставен систем на цртачки техники кои се применуваат во однос на моменталните асоцијации, психосоматските реакции и миговите на свесни увиди на поединецот додека црта. Мислам дека процесот на длабински цртеж е најблиску до изворот на природните психички механизми кои создаваат соништа, визии, фантазии и халуцинации. Тој ги опфаќа импулсите од несвесните визуелни содржини на психата правејќи ги корисни за поединецот така што го фокусира на неговите реални творечки потенцијали и извори на енергија. Длабинскиот цртеж на тој начин е пат по кој поединецот ја гради својата слобода низ постојано ослободување, чекор по чекор, паралелно развивајќи ја и цртачката вештина“, пишува Стојчетовиќ.

Горан Стојчетовиќ (лево) и Јелена Белиќ (десно)

Тој нагласува дека цртежите на Белиќ застануваме за миг, обземени од чудесната синевина од која излегуваат и во која повторно исчезнуваат најразлични белузлави нежни привиденија, сигурно никој нема видено нешто слично во живо.

„Мноштво ликови на антропоморфни и зооморфни суштества што нè посматраат, нивните меѓусебни односи, потоа мотивот на мајчинската љубов и семејството, идентитетските прашања, чувствата на осаменост и отуѓеност, го пронаоѓаат својот израз во цртежите на Јелена. Нејзините цртежи ме потсетуваат на фотографии на спелеолог, направени така што случајно се вклучил блицот од фотоапаратот и го сликал мракот пред себе. На тие фотографии убаво се гледа дека мракот всушност е полн со неосветлен живот. Токму така и авторката трпеливо дозволува да ѝ се појавуваат и развиваат разни застрашувачки мотиви кои ги прифаќа како свои и им дава нов живот во светлината. Со тоа постигнува духовна рамнотежа и внатрешна ревитализација“, стои во текстот кон изложбата на Горан Стојчетовиќ.

Настанот е во продукција на Партизанска штампа, Колектив Ветерница, Смак Прес и Мобилна галерија на ЦСУ.

Проектот е финасиски поддржан од Министерство за култура и туризам и Општина Центар.

Радио МОФ веќе подолго ја следи работата на Јелена Белиќ, која е архитектка, неуморна фото-репортерка и ликовна уметница. Потсетуваме на нејзиното интервју од лани, кога ја правеше изложбата „Постоиш ли Алиса?“.

[Интервју] Јелена Белиќ: Потрага по свет на чуда кои постојат во сите нас

Бојан Шашевски