Синџирот за брза храна „KFC“ објави промоција за Кристална ноќ, па се извини

Синџирот за брза храна „KFC“ се извини откако преку својата апликација ги покани германските муштерии да ја пробаат специјалната понуда по повод „Кристална ноќ“ и со тоа да ја прослават годишнината од нацистичкиот напад врз еврејското население, пренесува „Гардијан“.

Промоцијата вклучувала доза пилешки крилца и кашкавал.

Промоцијата пристигнала до германските потрошувачи на денот на 84тата годишнина од Кристална ноќ, односно ноќта  кога нацистите почнале со вандализирање, палење и уништување на еврејските имоти, продавници и синагоги во Германија. На настанот се гледа како кон почеток на нацистичкиот систематски обид да се збрише европското еврејското население.

„Прославете ја Кристална ноќ – почестете се со мек кашкавал и крцкаво пилешко. Сега во ‘KFC’“, гласела промоцијата на „KFC“.

Еден час подоцна, компанијата објавила извинување, велејќи дека промоцијата е „системска грешка“.

Се шпекулира дека промоцијата била компјутерски генерирана со цел да се промовира пилешкото со кашкавал, односно објавите биле автоматски поврзани со календар исполнет со важни годишнини за да се симулираат продажби.

Но, германски експерти за дигитален маркетинг истакнале дека се шокирани што компанијата немала механизам за проверка кој би ја спречил објавата, па грешката била забележана откако станала јавна.

„KFC“ не објасни како се објавила пораката. „Ние длабоко се извинуваме, ќе ги провериме внатрешните процеси за објави за ваквите грешки да не се повторуваат. Ве молиме простете за грешката“, гласело извинувањето.

Во германските напади вечерта помеѓу 9 и 10 ноември, 1938 година, нацистички групи излегоа на улиците низ Германија со цел да ги исплашат еврејските граѓани со насилство.

Според официјални извештаи во нападите било убиено 91 лице, уништени биле 7500 бизниси и 267 синагоги. Историчарите сметаат дека вистинските бројки се поголеми, односно дека животот го изгубиле над 1.300 лица, а во Германија и Австрија биле уништени околу 1.400 синагоги.

По Кристалната ноќ, Евреите не можеа да водат јавен живот во Германија, што предизвика голем број од еврејското население да ја напушти земјата. Три години подоцна започна Холокаустот во кој животот го загубија шест милиони европски Евреи.