Синдикатот на културата штрајкува, откажани претстави, проби, кино проекции – министерството со понуда

Околу седум илјади љубители на културата и уметноста денеска беа спречени да ги посетат културните и уметнички установи поради генералниот предупредувачки штрајк на Синдикатот на културата на Македонија (СКРМ) поради непотпишување на колективен договор.

Штрајкот „откажа“ осум претстави, шест кино проекции, концерт, изложба, десет проби во театри, а во 13 музеи не се примаат посетители. Од синдикатот велат дека на денешната средба со Министерството за култура добиле понуда.

„Имаме предлог од Министерство за култура, односно понуда, за средствата кои што ги бараме ние како синдикат и СОНК се одобрени од страна на Владата. Со тоа што одредбите по однос на плати би се спровеле од 01 јули 2020 година“, изјави Сања Арсовска, претседателка на СКРМ.

Арсовска додава дека ваквата понуда ќе биде дискутирана од СКРМ и Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) кои го поддржаа штрајкот, а потоа ќе се донесе финалната одлука.

„Мораме во најкус можен рок да направиме состанок на Советот на нашиот синдикат и се надевам дека до крајот на неделата ќе ја имаме одлуката дали прифаќаме од 1 јули веќе да стапат на сила новите уредувања на плати“, изјави Арсовска.

Претходно, на 8 октомври, стотици културни уметници излегоа на штрајк барајќи потпишување на колективен договор. Две недели подоцна, на 24 октомври се сретнаа и со премиерот Зоран Заев. Бидејќи се уште не беше најдено решение, денеска повторно штрајкуваа.

„Колективен сега!“ – стотици културни работници маршираа низ Скопје

Мартин Колоски