Стотици културни работници и претставници на културни институции од Скопје и други градови од државата, со протестен марш побараа потпишување нов колективен договор. Од Министерството за култура преку соопштение им дадоа поддршка.
Како што изјави пред демонстрантите Сања Арсовска, претседателка на Синдикатот на културата кој стоеше зад организацијата на маршот, неопходно е валоризирање на работата на културните работници, преку потпишување и спроведување нов колективен договор.
„Со овој марш ќе покажеме дека не сакаме повеќе изговори, префрлања и одговорност на други, не сакаме ветувања, не сакаме даизгубиме уште една година без решенија на нашите проблеми“, изјави Арсовска.
Културните работници извикувајќи „Колективен сега“, држејќи банери со барања за навремена исплата на платите до 15-ти во месецот, ја започнаа својата рута од паркот Ибни Пајко, преку Владата, па се до Министерството за култура. Пред Владата, помала групи хористи започна да пее, што беше пропратено со аплауз од останатите.
„Нашата симболика преку оваа композиција е дека ние ги бараме нашите работнички права, колективен договор кој што ни треба веќе 15 години, затоа се одлучивме симболично, со оваа нумера преку која ќе го претставиме и дел од нашето секојдневно творештво во нашите редови. Меѓутоа ќе дадеме и една порака до властите дека треба да се премине кон донесување на тој колективен договор“, изјави за Радио МОФ, хорскиот пејач Зоран Данилов.
Маршот заврши пред Министерството за култура, каде имаше нови обраќања на културните работници.
„Единствената земја каде што има астрономски разлики во платите меѓу дејностите, каде се измислуваат работни места по нарачка, каде што нема основни услови за работа, каде што не се исплаќаат унапредувања, службени и теренски дневници и други надоместоци загарантирани со законот за работни односи. Одговорот на прашањето зошто ова е заеднички успех на сите министри од 2005 година наваму, лежи во фактот што во ова министерство работат бирократи кои сметаат дека тие се културата, а ние плебсот од институциите кој не е вреден за внимание“, истакна Гоце Павловски, претседател на синдикалната организација на НУ„Стоби“.
Од Министерството за култура во дописот до медиумите велат дека ги поддржуваат вработените во културата и нивните барања.
„Министерството за култура ги поддржува вработените во културата за остварување на нивните барања и посветено, заедно со сите чинители во културата и со претставниците на СКРМ и на СОНК подолго од една година работи на подготвување на нормативните услови за донесување на модерни законски акти кои во што пократок временски период ќе овозможат остварувања на барањата на синдикалните организации“, стои во дописот.
Оттаму додаваат дека предлог-законот е во завршна фаза, а работната група ги внесува забелешките доставени преку ЕНЕР и од страна на надлежните органи, како последна фаза, пред да се предаде текстот во Владата на усвојување.
„Се очекува во наредниот период, Колективниот договор да биде ставен на јавна расправа по основните организации на синдикатите во установите од културата, и дека ќе биде применлив од 1.01 2020 година“, посочуваат од ресорното министерство.
Како што соопштија од Синдикатот на културата, делегација на синдикатот ќе се сретне со премиерот Зоран Заев на 24 октомври, за да се разговара за проблемите во културниот сектор.
Мартин Колоски