Си-Ен-Ен го тужи Трамп поради одземената акредитација на нивниот новинар

Американскиот медиум Си-Ен-Ен поднесе тужба против претседателот Доналд Трамп и неколку високи службеници во неговиот кабинет, со барање веднаш да му биде вратена пристапната акредитација за Белата куќа на нивниот новинар Џим Акоста.

Тужбата доаѓа како одговор откако на новинарот Акоста му беше одземен пристапот во Белата куќа по жестоката расправија со Трамп на пресконференција изминатава недела.

Во тужбата, поднесена до судот во Вашингтон, се наведува дека на Акоста и Си-Ен-Ен им биле нарушени правата кои им следуваат според првиот и петтиот амандман на уставот на САД.

Покрај Трамп, тужени се и неговиот шеф на кабинет, Џон Кели, портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, заменикот на шефот на кабинетот, директорот на Тајната служба која го заштитува претседателот и службеникот на оваа служба кој му ја одзел акредитацијата на Акоста.

„Иако оваа тужба е специфична за Си-Ен-Ен и Акоста, ова може да му се случи на секому. Доколку остане неоспорено, потезите на Белата куќа можат да создадат опасен, застрашувачки ефект за секој новинар кој ги покрива нашите избрани функционери“, се наведува во тужбата.

Службите на американскиот претседател ја суспендираа акредитацијата за главниот известувач на Си-Ен-Ен од Белата куќа откако Акоста беше упорен во неговата намера да добие одговори од Доналд Трамп.

Трамп, при жестоката дискусија го нарече Акоста „непристојна и ужасна личност“, а службенчка од Белата куќа неколку пати се обидуваше да му го одземе микрофонот на новинарот на пресконференцијата.

Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, како изговор за одземање на акредитацијата го наведе тоа што новинарот ги „ставил своите раце на млада жена“, што Си-Ен-Ен и Акоста го коментираа како лажно обвинување.

Критики за овој потег на администрацијата на Трамп упатија многу новинари и новинарски здруженија, како и од Асоцијацијата на известувачи од Белата куќа кои одлуката ја нарекоа „несоодветна“ и „неприфатлива“.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.