[Видео] Белата куќа суспендираше новинар од Си-Ен-Ен кој упорно бараше одговори од Трамп

Службите на американскиот претседател ја суспендирале акредитацијата за главниот известувач на Си-Ен-Ен од Белата куќа, Џим Акоста, откако новинарот беше упорен во неговата намера да добие одговори од Доналд Трамп.

Трамп, во жестоката дискусија го нарече Акоста „непристојна и ужасна личност“, а службенчка од Белата куќа неколку пати се обидуваше да му го одземе микрофонот на новинарот на пресконференцијата.

Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, како изговор за одземање на акредитацијата го навела тоа што новинарот ги „ставил своите раце на млада жена“.

Акоста го предизвика претседателот со прашања околу неговите контроверзни ставови за караванот мигранти кои се движат од Централна Америка кон САД, како и за анти-имиграциската реклама која од јавноста беше видена како расистичка, кога Трамп одлучи да не одговара на прашањата:

„Тоа е доволно. Си-Ен-Ен треба да се засрами од тоа што работиш за нив. Ти си непристојна и ужасна личност“, Трамп му се обрати на Акоста.

Новинари и новинарски здруженија испратија критики за овој потег, додека Си-Ен-Ен го нарече лажно обвинувањето на Белата куќа кон Акоста и причината поради која му се повлекува акредитацијата.

Критики за администрацијата на Трамп пристигнаа и од Асоцијацијата на известувачи од Белата куќа, група која ги претставува новинарите кои известуваат од претседателската резиденција, нарекувајќи ја одлуката „несоодветна“ и „неприфатлива“.

„Повикуваме Белата куќа веднаш да го повлече овој слаб и погрешен потег“, стои во нивната реакција.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.