Швајцарците запалија повеќе од 11.000 свеќи за жртвите од коронавирусот

Повеќе од 11.000 свеќи, по една за секоја жртва од пандемијата на коронавирусот во Швајцарија, беа запалени пред парламентот во Берн, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

„Сакаме да создадеме простор каде што ќе можеме да се сеќаваме и жалиме за жртвите“, рече Симон Герен од движењето „Корона бдеење“.

Четириесет волонтери помогнаа да се постават свеќите на плоштадот кој е политички центар на Швајцарија. Сличен настан се одржа и минатата година.

Герен рече дека бдеењето е и повик до владата да одговори посилно на зголемениот број на заразени.

Земјата со околу 8,6 милиони жители, забележа нагло зголемување на новозаразени со коронавирус во последните недели. Швајцарските власти вчера објавија дека 11.288 луѓе починале во земјата со потврден Ковид-19 од почетокот на пандемијата.