Шумските пожари во Медитеранот досега усмртија преку 40 луѓе

Повеќе од 40 луѓе загинаа, најголем дел од нив во Алжир, во пожарите кои го зафатија Медитеранот и опфатија повеќе села и туристички места, а илјадници луѓе беа евакуирани.

Грција се подготвува за нови евакуациски летови од Родос, додека пожарите и понатаму беснеат на островите Крф и Евија.

Долготрајниот топлотен бран, кој придонесува за пожарите, не стивнува, а денеска температурите во делови од Грција се очекува да достигнат и над 44 степени целзиусови.

Пожари истовремено се шират и на Сицилија, што ги принуди италијанските власти да го затворат аеродромот во Палермо.

Силните ветрови и сувата вегетација предизвикува голем проблем за пожарникарите кои се борат да ги стават под контрола пожарите.

Најмногу луѓе досега загинаа во Алжир, каде се регистрирани 34 жртви, меѓу кои и 10 војници кои биле зафатени од оганот при евакуација во крајбрежната провинција Беџаја, источно од главниот град Алжир. Алжирските власти тврдат дека 80% од пожарот бил изгаснат по неделата, но и понатаму продолжуваат силни акции на противпожарните служби, во кој се вклучени околу 8.000 пожарникари, стотици противпожарни возила и неколку авиони.

Пожари има и во соседниот Тунис, каде 300 луѓе беа принудени да се евакуираат од крајбрежното село Мелула.

Во Грција, Министерството за граѓанска заштита предупреди за „екстремна опасност“ од пожарите во шест од вкупно 13 грчки региони.

На островот Родос повеќе од 20.000 луѓе досега беа евакуирани од своите домови и туристичките сместувања последниве неколку дена.

Туризмот е гранка која вработува една петтина од сите вработени во Грција, а оваа индустрија е клучна за Родос и за другите грчки острови. На островот Евија, северно од Атина, два пилоти загинаа откако нивниот канадер за гаснење пожари се сруши во клисура. Илјадници луѓе се евакуирани од Евија и Крф, додека Крит, кој е уште една популарна туристичка дестинација, се наоѓа во состојба на висока готовност.

Италија, пак, беше погодена од две спротивставени екстремни временски појави. Додека северот на земјата беше погоден од силна бура, на југот и на Сицилија има појава на голем број пожари.

„Во Италија се соочуваме со некои од најкомплицираните денови во последниве децении – бури, торнада и џиновски град на северот и огромни жештини и разорни пожари во централниот и јужниот дел на земјата“, изјави Нело Мусумечи, министер за граѓанска заштита.